06.06.2023 Скопје
Во Германија расте загриженоста за индустриските шпионски активности што ги спроведува Кина. Според германскиот безбедносен систем, Пекинг „се повеќе“ назначува кинески научници кои вршат истражувања и работат во Германија со задача да се здобијат со чувствителни информации.
Опасноста е „значителна“ во секторите на економијата, индустријата и науката, предупреди министерката за внатрешни работи Ненси Фезер. Конкретно, кинеските докторанти вклучени во истражувачки проекти во германски компании се обидуваат да добијат информации за понатамошните планови.
Извори од германскиот безбедносен систем открија дека во 2020 година бил откриен случај на индустриска шпионажа од кинески научник против „северногерманска компанија за медицинска технологија“. Случајот иако се чуваше во тајност, се уште е отворен и е парадигматичен за ризичната ситуација на која е изложена Германија во кражбата на знаење од Кина.
Некои аналитичари велат дека оваа афера ризикува „да ги оптовари подготовките за владините консултации“ меѓу Германија и Кина, закажани во Берлин за 20 јуни.
Справувањето со трансферот на технологија е високо на агендата на германската влада, ЕУ и САД. На самитот што се одржа во Хирошима, Г7 за првпат експлицитно се согласи подобро да ги заштити критичните технологии што може да се користат „за закана за националната безбедност“. На овој начин групата испрати порака до Кина, без експлицитни референци.
Со цел да се спротивстави на индустриската шпионажа во Германија, Федералната канцеларија за заштита на уставот (БФВ), и германската агенција за внатрешно разузнавање, се повеќе ги повикува високотехнолошките компании да бидат повнимателни во научната соработка.
Бројни компании, всушност, се „се уште премногу наивни“, соопштија извори од германските тајни служби, а во исто време, Фезер изјави дека е од суштинско значење да се обезбеди високо ниво на заштита во компаниите и истражувачките институти за да се спречат активностите на индустриска шпионажа.
На овој начин обидите за добивање информации од странски тајни служби „може да се откријат во рана фаза и на тој начин да се спречат“.
Константин фон Ноц, пратеник на Зелените во Бундестагот каде што е претседател на парламентарната комисија за контрола на разузнавачките агенции, исто така зборуваше за ова прашање. За експонентот на еколозите, кинеските студенти во Германија не треба да бидат предмет на општо сомневање, но сепак „апсолутно е јасно дека безбедносните власти мора поблиску да ги испитаат конкретните осомничени“, и гледајќи од оваа перспектива, предупредувањата на германските разузнавачи треба да се сфатат „многу сериозно“.
Како дел од процедурата за влезни визи во Германија, германското Министерство за внатрешни работи има за цел да ги подложи Кинезите кои имаат намера да вршат истражувања во одредени сектори на „детална проверка“. Во меѓувреме, кинеската амбасада во Берлин ги отфрли обвинувањата за индустриска шпионажа изнесени против владата во Пекинг како „неосновани“.
Подготвено од М.Н.