06.06.2023 Скопје
Владата на Јапонија денеска одобри план кој има за цел да генерира инвестиции од 15 трилиони јени (107 милијарди долари) во текот на 15 години за развој на националната економија на водород.
Планот, ревизија на Основната стратегија за водород, беше одобрен за време на состанокот на релевантните министри и има за цел да го направи водородот примарна движечка сила во процесот на декарбонизација на третата по големина светска економија. Токио конкретно има за цел шесткратно да го зголеми своето сегашно производство на водород, од 2 на 12 милиони тони до 2040 година.
Јапонија се потпира на водородот како решение способно драстично да ги намали емисиите на постоечките технологии засновани на согорување на јаглеводороди, на пример преку мешање на водород и природен гас како гориво за термоелектраните во земјата кои работат на гас.
Во моментов, главната пречка за користењето на овој извор на енергија лежи во трошоците за производство и транспорт во споредба со фосилните горива, и токму поради оваа причина јапонската влада има намера да работи на изградба на „синџир на снабдување со водород во Азија и во Индо-Пацификот со дополнително проширување на поврзаната јапонска технологија“, изјави јапонскиот министер за економија, трговија и индустрија Јасутоши Нишимура за време на прес-конференција.
Подготвено од М.Н.