20.06.2023 Скопје
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчеравечер во Белград го пречека унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој допатува во земјата во рамки на Стратешкиот совет на Палиќ што ќе се одржи денеска.
На својот Инстаграм профил, заедно со фотографиите од средбата, претседателот Вучиќ му посака добредојде на Орбан, и напиша дека „со искрени партнери и пријатели се е можно и секој план е остварлив“.
„Проектите на кои работиме најдобро ќе покажат дека ништо не може да го спречи брзиот раст на двете земји“, додаде српскиот претседател Вучиќ.
Двајцата ќе бидат присутни на првиот Стратешки совет за соработка меѓу Србија и Унгарија што ќе се одржи во градот Палиќ, во Војводина, заедно со српската премиерка Ана Брнабиќ и унгарската претседателка Каталин Новак.
Според најавите на белградската влада, во текот на денот ќе бидат потпишани голем број договори за натамошно зајакнување на соработката меѓу двете земји, вклучително и формирање на заедничко претпријатие во секторот за гас.
Подготвено од М.Н.