teho kultura

24.06.2023 Скопје

Овогодинешните фестивалски денови од 50. јубилејно издание на „ТЕХО“, денес и утре, ќе бидат збогатени и со изложба на ретки фотографии кои сведочат за долговечниот хорски живот во Тетово, како и плакати од сите изданија на „ТЕХО“, проследени со новинарски написи.

Изложбата ќе биде поставена во фоајето на НУЦК „Иљо Антески – Смок“ во Тетово, за време на двете фестивалски вечери денес и утре, кои започнуваат во 19:30 часот.

Меѓу материјалите од изложбената поставка, е и фотографија од 1913 година од хорот „Тетовска матица“.

Публиката која ќе дојде денес на отворањето и првиот ден од Меѓународниот хорски фестивал „ТЕХО“ освен настапите на седумте хорови ќе може да види и изложба на плакати, фотографии и материјали од сите досегашни фестивалски изданија. Дел од изложбата ќе бидат и ретки фотографии кои сведочат за уште постарите моменти од долговечниот хорски живот во Тетово.

„Дел од изложените материјали ќе биде оригиналниот ракопис, односно нотите кои за хорска изведба ги напишал „Тодор Скаловски (1904-2004) за песната „Кажи Васке Евгова“ на првиот фестивал во 1973 година. Сите хорови имаа задача да ја изведат оваа народна песна која Скаловски ја хармонизираше за хорско пеење. Меѓу материјалите од изложбената поставка е и фотографија од 1913 година од хорот Тетовска матица“, информира Ивица Зориќ, претседател на фестивалот.

Дел од фестивалот ќе бидат хорски настапи на православна хорска музика во тетовскиот соборен храм Свети Кирил и Методиј утре од 12 часот. Влезот за сите настани е слободен.

„Особено ми е драго што Тетовските хорски одзиви се манифестација со голема традиција, која го вбројува Тетово во градовите со висока музичка култура. Овој живописен град, преку ТЕХО, децении наназад ја збогатува сликата на нашата земја како пријателска, толерантна, мултиетничка држава која ја негува посебноста на културите на сите народи кои живеат овде, но, и на сите култури кои доаѓаат како гости на овој фестивал“, порача Костадиновска-Стојчевска.

Годинава, „ТЕХО“ бележи 50 години од првиот фестивал кој се одржал од 22 до 24 јуни 1973 година. На ова јубилејно издание ќе настапат 17 хорови и околу 600 хористи, а настанот е под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author