09.06.2023 Скопје
ByteDance, компанијата која е сопственик на TикТок, и помогна на Кина да ги шпионира демонстрантите, според тужбата поднесена од поранешниот извршен директор на компанијата во САД.
Во тужбата поднесена против неговата поранешна компанија, Џинтао Ју тврди дека ByteDance, која ја поседува апликацијата TикТок, и помогнала на Кина да ги шпионира демонстрантите и активистите за граѓански права во Хонг Конг. Наводно тоа го направила дозволувајќи им на членовите на кинеската Комунистичка партија (ККП) пристап до корисничките податоци на демонстрантите.
Тој тврди и дека не биле шпионирани само учесниците на демонстрациите, туку и корисниците кои објавувале содржини поврзани со протестите. Покрај тоа, членовите на ККП наводно имале пристап до податоците на американските корисници.
Портпаролот на ByteDance ги отфрли овие наводи како неосновани.
Наводно, ByteDance им дал на членовите на одборот на ККП пристап до ингеренциите за „супер кориснички“, познати и како „божји корисници“, што им овозможило да ги идентификуваат и лоцираат демонстрантите, активистите за права и поддржувачите на демонстрациите во Хонг Конг од 2014 до 2018 година.
Во тужбата, Ју тврди дека членовите на одборот не биле вработени во компанијата ByteDance, туку физички дошле во канцелариите на компанијата во Пекинг. Тој факт, пишува тој, бил општо познат меѓу високите директори на компанијата. Во компанијата бил вработен околу една година, почнувајќи од летото 2017 година.
Сегашниот портпарол на компанијата ги негира неговите обвинувања и вели дека компанијата „енергично планира да се спротивстави на неоснованите тврдења“. Тој истакна дека е интересно што Џу овие тврдења ги изнесува и пет години по престанокот на работниот однос и ги припишува на целта да привлече внимание.
Тужбата доаѓа во време кога апликацијата TikTok се соочува со интензивна контрола и забрани ширум светот. Некои држави им забранија на вработените во владините структури да ја користат апликацијата на официјални телефони, додека американската сојузна држава Монтана стана првата држава што донесе целосна забрана за користење на оваа платформа. Сите забрани доаѓаат поради сомневање за неовластено собирање на кориснички податоци.
Подготвено од А.Ѓ.