01.06.2023 Скопје
Податоците на германскиот завод за статистика Дестатис покажуваат дека Република Северна Македонија е меѓу најевтините земји во Европа и е рекордер по ниски цени во многу категории.
Германските статистичари ги анализирале цените на голем број производи и услуги во различни категории во 40 европски држави.
Република Северна Македонија, заклучно со март годинава, е делумно поскапа само од Турција, а поевтина од сите други земји на европскиот континент.
Германскиот завод за статистика Дестатис ги има анализирано цените на храна, пијалоци, тутун, облека, енергија, транспортни трошоци, телекомуникации, културен живот и забава, како и хотели и ресторани. Речиси во сите категории, Република Северна Македонија нуди меѓу најниските цени, а во некои категории е и убедливо најевтина.
За основа на истражувањето се земени цените во Германија и тие се појдовна точка (100%) од која се прави споредбата со други држави.
Севкупно, во сите категории, цените во Република Северна Македонија се на ниво од 49% од цените во Германија – или обратно, тие се за 51% поевтини. Генерално е поевтино само во Турција каде нивото на цените е 39 отсто од германските.
Храната и безалкохолните пијалоци во Република Северна Македонија се 62% од просекот во Германија, со што се најевтини меѓу сите 40 европски земји. Тука се пресметани просечните цени на леб, месо, риба, млечни производи и јајца, масло и маслени производи.
Убедливо најевтини во Европа се и цените кои ги имаат овошјето, зеленчукот и компирите во државава. Тие се на ниво од 45% од цените во Германија. За споредба, во регионот на Балканот, цените во Србија се на ниво од 86% од германските, во Хрватска – 76%, во Грција – 67%, а во Албанија – 77%.
Цигарите и производите од тутун се поевтини само во Турција. Цените во Република Северна Македонија на тутунот се речиси една третина од цените во повеќето членки на ЕУ, а во однос на некои држави се поевтини и за пет пати. Истото важи и за облеката и чевлите. Поевтини цени во тие сектори на европско тло има само во Турција, иако цените во Република Северна Македонија не се далеку од европскиот просек.
Во делот на енергетиката, четири европски држави се поевтини од Република Северна Македонија. Тоа се: Турција, Србија, Албанија, Црна Гора, а Унгарија има идентични цени. Во овој дел се пресметуваат цените на струјата, гасот и други горива.
За телекомуникациски трошоци помалку од македонските граѓани плаќаат само Турците, Полјаците и Романците. Шест европски држави имаат поевтини алкохолни пијалоци од државава и тоа: Унгарија, Германија, Австрија, Италија, Полска и Романија.
Подготвено од А.Ѓ.