29.06.2023 Скопје
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со дел од нејзиниот тим денеска оддржа Брифинг за новинари насловен „Вистинскиот концепт на Предлог законот за родова еднаквост“.
Темата на Брифингот беше Предлог Законот за родова еднаквост, а се организираше со цел да се расчистат дилемите во јавноста околу ова ново предлог законско решение и се добијат точни информации за правилно информирање на јавноста.
Новинарите имаа можност да слушнат повеќе за потребата и целта од носењето на ова законско решение, суштината на законот, како и дистинкцијата помеѓу Предлог Законот за матична евиденција и Предлог законот за родова еднаквост.
Министерката Тренчевска појасни дека станува збор за два различни закона кои третираат различна проблематика.
„Предлог Законот за родова еднаквост третира еднакви можности на жените и мажите. Предлог Законот ја унапредува положбата на жените во сите сфери во општеството. Со овој закон ниту се третира менувањето на полот, ниту пак, истополовите бракови, туку се бави со унапредување на положбата на жените, како и еднаквите можности на мажите и жените во општеството. Воспоставување на еднаквост, создавање на видливост на жената во општеството е единствената намера на креаторите на овој закон,“ потенцираше Тренчевска.
Министерката истакна дека Предлог Законот за родова еднаквост сè уште е во консултативен процес и не е влезен ниту во владина процедура. Притоа додаде и дека, процесот ќе продолжи со цел да бидат слушнати сите чинители во општеството.
Министерката појасни дека родовата еднаквост не е исто што и половата еднаквост.
„Поимот род и пол не е исто што и родов идентитет. Тие се дефинирани согласно постојната законска регулатива во државата и согласно она што државата го презела како обврска од Истанбулската конвенција,“ додаде Тренчевска.
Подготвено од А.Ѓ.