28.06.2023 Скопје
Шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави денеска дека Шведска сè уште сака да се приклучи на НАТО пред или за време на самитот на Алијансата во Вилнус во средината на следниот месец.
Тој потврди дека не е сигурен дека тоа ќе се оствари во тој рок.
По избувнувањето на руско-украинскиот конфликт, Шведска и Финска се откажаа од децениска воена неутралност, барајќи повисок степен на национална безбедност со влезот во НАТО.
Финска стана членка на алијансата во април, но процесот на пристапување беше побавен за Шведска, која се залагаше за приклучување кон алијансата за време на самитот на НАТО во Вилнус од 11 до 12 јули.
Иако Шведска има силна поддршка од другите членки на НАТО, вклучително и САД, Турција и Унгарија досега не беа подготвени да го ратификуваат приемот на оваа нордиска земја.
Турција тврди дека Шведска има членови на организации кои официјална Анкара ги смета за терористички групи и го условува членството на Шведска со екстрадиција на осомничени терористи, иако официјален Стокхолм ги негира овие обвинувања.
Турција, исто така, изрази бес поради антитурските демонстрации што се одржаа во Шведска.
Шведските и турските претставници се сретнаа на високо ниво на 14 јуни во Брисел, во организација на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Подготвено од А.Ѓ.