makedonija makedonija shukovska

22.06.2023 Скопје

Со твининг проект, со поддршка на Европската Унија и експерти од Грција, ќе се работи на зајакнување на капацитетите за ефективна имплементација на европското законодавство од областа на индустриското загадување. Ова беше истакнато денеска на одбележувањето на почетокот на твининг проектот „Понатамошно зајакнување на капацитетите за ефективна имплементација на европското законодавство во областа на индустриското загадување“.

Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова изјави дека овој проект е од голема важност за Министерствотo, но и за бизнис заедницата, инспекциските служби и секако и за квалитетот на животната средина и здравјето на граѓаните како главна цел и обврска.

„Имено, најголемите индустриски инсталации имаат значителен удел во вкупните емисии од клучни атмосферски загадувачи и имаат други важни влијанија, вклучувајќи ги емисиите во вода и почва, генерирање на отпад и користење на енергијата. Од таа причина, континуирано работиме на понатамошно усогласување на примарното и секундарното законодавство со европското и дополнителното зајакнување на националните и локалните административни капацитети во областа на индустриското загадување. Но, од голема важност е да се подобрат интегрираните еколошки дозволи, кои ги содржат условите поставени во согласност со принципите и одредбите на Директивата за индустриски емисии и заклучоците за најдобрите достапни техники“, подвлече Шукова.

Проектот е структуриран во три компоненти.

„Во правата компонента, која се однесува на усогласувањето на законската рамка, ќе продолжиме да работиме на подобрување на изменетиот нацрт – закон за контрола на индустриските емисии, на новите нацрт – подзаконски акти и измените на постојните, подготвени во согласност со проценката на разликите направена во рамките на проектот. Активностите од втората компонента се фокусирани на подобрување на процедурата за оцена на влијание врз животната средина за активностите на интегрираните еколошки дозволи, при што ќе се опфатат неколку моменти што ги сметаме за исклучително важни: подобрување на процесот на оцена на влијанието во рамките на постапката за ОВЖС за секторите кои спаѓаат во интегрираните еколошки дозволи и зајакнување на административните капацитети за процедурата за ОВЖС. Третата компонента е насочена кон подобрување на процесот на издавање на дозволите и поставките на гранични вредности на емисии за интегрирано спречување на загадувањето“, појасни министерката.

Очекуваме преку овој проект, додаде, да им помогнеме и на издавачите на дозволите на локално ниво, со што ќе се постави поголема ефикасност и ќе постигнат подобри резултати во спречување на индустриското загадување.

„Проектот е во вредност од 1.000.000,00 евра, а треба да заврши до крајот на месец октомври, наредната година. Посакувам успешна имплементација и упатувам благодарност за поддршката до сите вклучени во проектот. Пред сé на Европската Унија, на грчката Влада и Центарот за меѓународно и европско економско право од Република Грција, како и на претставниците на сите национални и локални институции и асоцијации, вклучени во овие активности за постигнување на европските стандарди во делот на индустриското загадување. Наша цел не е да ја кочиме индустријата, туку напротив, да отвориме нови пристапи кон индустриските процеси со што ќе се развива економијата, но, не на штета на животната средина и здравјето на луѓето“, децидна беше министерката.

Раководителот за соработка на делегацијата на Европската Унија во нашата држава, Стефен Худолин изрази задоволство што е присутен на започнувањето на проектот. Тој рече дека Република Северна Македонија ќе има големи придобивки од искуството и знаењето што ќе ѝ бидат пренесени од партнерите во проектот.

„Европската Унија се одлучи да го финансира овој проект, пред сѐ, затоа што сака да ја подобри ситуацијата во земјата, посебно во оваа област, каде што има проблеми од индустриско загадување. Успехот ќе зависи од резултатите што ќе бидат постигнати и од начинот на кој ќе бидат спроведени соодветни мерки“, нагласи Худолин.

Амбасадорката на Република Грција, Софија Филипидоу, исто така, истакна дека е ова многу важен проект за двете земји, во негови рамки ќе се има можност да се споделат практики и искуство. Таа рече дека со ова, ќе се има можност да се обезбеди и помош во однос на приближувањето и усогласувањето со европското законодавство.

Административно тело за спроведување на проектот е Центарот за меѓународно и европско економско право, ЦИЕЛ.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author