https://www.facebook.com/photo?fbid=530911922382558&set=pb.100063912635864.-2207520000.

21.06.2023 Скопје

И покрај сите напори шестоодделенците да ги добијат учебниците навреме, односно на 1 септември, директорот на Бирото за развој на образованието Зекирија Хасипи вели дека изготвувањето на наставните програми за шесто одделение е задоцнето и за тоа не чувствува одговорност.

„Не чувствувам одговорност. За изработка на наставни програми има процедури, правилници и според нив имаме постапено навремено. Откако се подготвија работните групи, повторно се ангажира второстепена комисија за разгледување евентуално да не има некои пропусти во тие наставни програми и потоа конечната верзија ја доставивме до Министерството. Не може сите програми одеднаш да се изработат, но поединечно доставуваме до МОН. Мислам дека ако постапката за печатење на учебници оди по сите процедури, можеби не на 1 септември, туку на 2 или 3 учебниците ќе бидат готови“, рече Хасипи.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири изјави дека се прават сите подготовки за учебниците да бидат готови до 1 септември.

Пред почетокот на дебатата за промоцијата на анализата „Политичко образование во Северна Македонија“, во организација на Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД) и Претседателскиот центар за политичко образование ПЦПО, министерот Шаќири изјави: „Наставните програми за шесто одделение од страна на Бирото за развој на образованието се доставени до Министерството за образование и наука во март. Некои од наставните програми за трето одделение се доставени во ноември претходната година. Затоа со учебниците за трето одделение сме во напредна фаза, а со наставните програми за шесто одделение сме во трка да го стигнеме 1 септември. Се прават сите подготовки за учебниците да бидат готови до 1 септември“.

Што се однесува до предметот географија за 7 и 9 одделение, министерот Шаќири вели дека оваа година за сите предмети за кои ќе имаат барање училиштата ќе бидат доставени учебници.

Голем дел од учениците, кои минатата година беа петто одделение, добија учебници на неколку недели пред крајот на учебната година 2022/2023.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author