08.06.2023 Скопје
Кина ја заврши втората фаза од заедничкото воздушно патролирање со Русија над западниот Пацифик.
Летовите над Јапонското и Источното Кинеско Море предизвикаа загриженост во Јапонија.
Секретарот на јапонскиот кабинет Хироказу Мацуно рече дека авионите предизвикале „сериозна загриженост“ за националната безбедност на Јапонија, која, според него, била пренесена до Кина и Русија преку дипломатски канали.
„Ваквите повторени заеднички летови на стратешки бомбардери во близина на нашата земја во голема мера ги прошируваат активностите во близина на Јапонија и се насочени против нашата земја“, додаде Мацуно.
Јужна Кореја ги подигна своите авиони во вторникот откако четири руски и четири кинески авиони влегоа во нејзината воздушна одбранбена зона на југот и на истокот на Корејскиот полуостров.
Јапонската војска, исто така, тогаш соопшти дека ги подигнала авионите откако потврдила дека два руски бомбардери им се придружиле на кинеските бомбардери над Јапонското Море, а потоа заедно полетале кон Источното Кинеско Море.
Последната патрола е шеста спроведена од Русија и Кина од 2019 година.
Подготвено од А.Ѓ.