05.06.2023 Скопје
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денес ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), кој што се одржува во Будва.
Денешниот состанок се случува на неполн месец пред формалното преземање на претседавањето од страна на Република Северна Македонија, односно на 1 јули.
Министерството за надворешни работи соопшти дека по пленарната сесија, заедно со претставниците на Тројката претседавачи, Грција, Црна Гора и Република Северна Македонија, Османи ќе одржи прес-конференција за медиумите, додека на маргините на министерскиот состанок ќе оствари и билатерални средби со свои хомолози, земји-членки на иницијативата.
Процесот за соработка во Југоисточна Европа е формиран во јуни 1996 со цел продлабочување на односите и соработката меѓу земјите од регионот. Иницијативата стреми кон создавање на регион темелен на демократија и економски просперитет и целосна интеграција на овој дел од континентот во европските и евро-атлантските структури.
Република Северна Македонија е вклучена во иницијативата од самиот почеток, а претседаваше со неа во два наврати, 2000-2001 и 2012-2013 година. Покрај Република Северна Македонија, членки на Процесот за соработка во ЈугоисточнаЕвропа се и Албанија, Босна и Херцеговина, Грција, Бугарија, Косово, Словенија, Романија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора.
Подготвено од М.Н.