View,Over,The,Ocean,To,Steep,Mountain,Sides,Of,The

26.06.2023 Скопје

Северниот Атлантик се загрева секое лето, тоа е јасно. Но, затоплувањето на океаните никогаш не било толку високо од почетокот на сателитските мерења: на 11 јуни просечната вредност била 22,7 степени, што е 1,1 степен над долгорочниот просек измерен од 1982 до 2011 година. Ова се податоците на „Climate Reanalyzer“ на Универзитетот во Мејн, кои се собираат од 1981 година.

Германската метеоролошка служба (DWD) исто така ги користи податоците. Сегашниот рекорд е невообичаен од два аспекта, наведува Институтот: „Прво, тоа е голема разлика во однос на претходните рекорди. Второ, тоа е невообичаено долг период од речиси три месеци, во кој температурата е над сите претходни години“.

Физичарот Андерс Леверман, од Институтот за истражување на климатските влијанија во Потсдам, гледа на тоа: „Ова е апсолутно невообичаено, дури и ако, за жал, е дел од долгорочниот тренд на глобалното затоплување.“ И сето ова предизвикува голема загриженост во светот.

Кои се причините за т.н „Аномалии“ на температурата на површината на северниот Атлантик? Научниците имаат неколку хипотези, а едно од можните објаснувања е недостатокот на сахарски песок.

Песокот или прашината на северноафриканската пустина се толку фини што ветровите можат да ги однесат илјадници километри. „Песокот во воздухот формира еден вид тенка сенка на површината на морето и на тој начин ја намалува сончевата енергија што стигнува таму“, објаснува Леверман. Оваа година очигледно има помалку песок во атмосферата. Тоа значи дека повеќе сончево зрачење допира до океанот и тој повеќе се загрева. Еден од оние кои ја застапуваат оваа теза е метеорологот и климатски истражувач Мајкл Ман од Универзитетот во Пенсилванија.

Недостатокот на одредени сулфурни аеросоли, исто така, може да биде причина. Веќе неколку години е забрането да се додава сулфур над одредена количина на гориво за бродовите. Затоа, помалку од овие молекули – кои исто така имаат ефект на затемнување на морските површини – стигнуваат до атмосферата.

„Аеросолите во воздухот дефинитивно можат да влијаат на температурата. Сепак, во овој момент не може да се каже колкаво влијание имаат во оваа ситуација. Потребни се дополнителни истражувања“, вели Леверман.

Според германскиот метеоролошки институт, друго можно објаснување за рекордните температури на океаните се промените во областите со висок и низок притисок. Едноставно кажано, создава помалку ветер и на тој начин влијае на температурата на океаните и морињата: топлата површинска вода помалку се меша со поладна вода на длабочина.

Океанографот Мартин Визбек од Центарот за истражување на океаните ГЕОМАР Хелмхолц во Кил смета дека тоа е најважната причина. „Во моментов гледаме промена позната како Северноатлантска осцилација. Како резултат на тоа, трговските и западните ветрови, кои вообичаено ја ладат морската површина, се послаби од вообичаеното“.

Самиот феномен не е нов, но влијае на планетата која станува се потопла – и моментално се совпаѓа со временскиот феномен Ел Нињо. Ова предизвикува сложени промени во атмосферската циркулација и повисоки температури на глобално ниво.

„Имаме долгорочен тренд на глобално затоплување и доколку се случат поединечни настани како сегашниот, брзо се случуваат овие екстремно високи температури“, објаснува Визбек.

Со него се согласува и Леверман: „Важна промена во големиот климатски систем за која знаеме е глобалното затоплување. Другите различни причини се додаток, така да се каже“.

Кои се последиците од рекордните температури? За екосистемите во Северен Атлантик, тие би можеле да бидат драстични, смета Визбек. „Коралите и одредени видови риби веројатно ќе се соочат со проблеми, како што е зголеменото избелување на коралите. Некои видови риби би можеле да имаат помалку потомци, а некои исто така би можеле да мигрираат во постудени, поларни региони, што повторно може да предизвика проблеми таму“.

Проблемот е што, како што вели Визбек, температурните флуктуации во морето се генерално многу помали отколку на копно. Степен повисок од долгорочниот просек е затоа огромно отстапување.

„Многу видови се многу специфично прилагодени на одредено живеалиште и температурен опсег. Драстичните промени како оваа може да бидат многу проблематични за него“, вели Визбек.

Друга последица може директно да почувствуваме ние луѓето. Кога океанот е потопол, повеќе вода испарува од него, што значи дека има повеќе енергија во атмосферата. Ова се двете состојки кои водат до силни бури. Морската област во близина на западноафриканскиот брег – каде што се случуваат повеќето урагани – моментално е значително потопло од вообичаеното.

Сезоната на урагани само што почнува и ќе трае до крајот на ноември.

„Иако никогаш не може да се предвиди точниот број или силата на ураганите, физиката е јасна: 90 отсто од глобалното затоплување се апсорбира од океаните. Ова значи дека даваме повеќе енергија на располагање на тропските бури, како што се ураганите и тајфуните, и дека тие стануваат посилни“, вели физичарот Леверман.

И покрај ова, американската Национална океанска и атмосферска администрација (NOAA) превидува 40 отсто веројатност дека просечна сезона на урагани е на пат. Причината за ова е повторно Ел Нињо, како што објаснува океанографот Визбек: „Ова ги прави ветровите на поголеми височини побрзи од оние во близина на површината, а тоа има тенденција да ја „кине“ бурата, поради што тие обично не стануваат толку големи како што можеа“.

Последиците би можеле да се почувствуваат и во Европа, „бидејќи температурата на водата на западниот и јужниот брег на Франција станува многу жешка во моментов, до пет степени над нормалата“, вели Хелге Геслинг, климатски физичар од Институтот Алфред Вегенер во Бремерхавен.

Генерално, повисоките температури на водата во Северен Атлантик може да доведат до потопло лето во Централна Европа до август. Топлиот воздух, исто така, апсорбира повеќе вода, која западните и јужните ветрови би можеле да ја однесат во Европа, поттикнувајќи обилни врнежи.

Тоа е уште една причина зошто сегашните температурни рекорди ги загрижуваат научниците.

„Како климатски истражувачи, долго време знаеме дека ваквите настани стануваат поинтензивни“, вели Леверман.

Но, како што нагласува, сè уште има простор за акција: „Ако успееме да постигнеме енергетска транзиција во следните 20 години и престанеме да согоруваме јаглен, нафта и гас, можеме да ја стабилизираме климата и да одржуваме понатамошни температурни рекорди во границите“, вели Леверман.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author