22.06.2023 Скопје
Годинашниот прв уписен рок покажува дека средното стручно образование станува сè поатрактивно и поинтересно за младите. Воедно, може да се забележи дека гимназиите остануваат со многу слободни места, додека директорите на стручните училишта се фалат со подобар упис во споредба со минатите години.
Ако минатата година, во гимназијата „Орце Николов“ за 285 слободни места се пријавиле 337 кандидати за упис, по што мораше да има селекција со квалификациски тест, годинава бројот на пријавени е 271, што значи дека не е исполнет предвидениот број на слободни места. Пред училиштето денеска уште од рано утрово имаше родители и ученици кои се бараа на списоците што беа истакнати на влезната врата, а некои од нив и плачеа од радост бидејќи се примени.
Директорот на „Орце Николов“ се надева дека бројката ќе се пополни во вториот уписен рок.
Дека интересот за гимназија опаѓа, покажува и бројот на пријавени кандидати во „Никола Карев“. Директорот на оваа гимназија, Андреј Манолев, вели дека според конкурсот има предвидени 272 слободни места, а се пријавиле 273 ученици за упис.
Слободни места има и во „Раде Јовчевски Корчагин“, како и во „Јосип Броз Тито“. Во „Корчагин“ сакаат да учат 177 ученици, односно место има уште за 85 кандидати. Во „Јосип Броз Тито“ пак има 293 пријавени деца, а остануваат уште 47 слободни места за во вториот уписен рок.
Сликата е поинаква во средното стручно образование. Задоволен од уписот годинава е Александар Сибиновски, директорот на стручното училиште „Владо Тасевски“, кој информира дека се пријавиле 187 ученици за 300 слободни места.
Зголемен интерес има и во средното училиште „Марија Кири Склодовска“, каде што, како што информира директорот Дарко Спасев, годинава се пријавиле 412 ученици за 570 слободни места, а лани се пријавиле 376 кандидати, што укажува на зголемување на интересот.
Квалификациски тест ќе има во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“, за насоката фармацевт на албански наставен јазик.
Средното образование во нашата земја е задолжително. Како што информираат од Министерството за образование и наука, бројот на ученици во деветто одделение, во споредба со лани, годинава е опаднат. Лани имало 19.086 ученици, а годинава – 18.882.
Подготвено од А.Ѓ.