27.06.2023 Скопје
Производството и потрошувачката на јаглен во Европската унија продолжија да растат во 2022 година. Производството достигна 349 милиони тони (+5 отсто во однос на претходната година), а потрошувачката достигна 454 милиони тони (+2 отсто), објави „Евростат“.
Растот започна во 2021 година и главно беше поттикнат од лигнитот (кафеав јаглен), кој е цврсто фосилно гориво. Јагленот и кафеавиот јаглен се двата главни типа на цврсти фосилни горива, според Евростат.
ЕУ произведе 294 милиони тони кафеав јаглен во 2022 година (шест отсто повеќе од 2021 година).
И покрај овој раст, производството остана под бројките пред пандемијата во 2019 година. Кафеавиот јаглен денес го произведуваат девет земји-членки на ЕУ, а главен производител е Германија.
Со 131 милион тони лани таа земја учествувала со 44 отсто во вкупното производство на кафеав јаглен во ЕУ. Други земји-членки кои произведуваат кафеав јаглен се Полска, Бугарија, Чешка, Романија, Грција, Унгарија, Словенија и Словачка.
Бројките кои се однесуваат на потрошувачката на лигнит и кафеав јаглен се многу слични со бројките поврзани со производството, бидејќи овие видови јаглен обично не се тргуваат, туку остануваат во земјава и се користат за производство на електрична енергија.
Лигнитот ретко е главно гориво за производство на електрична енергија во земјите на ЕУ, но го има во неколку земји од Западен Балкан.
Сепак, во последниве години, уделот на лигнитот во производството на електрична енергија е намален и на Западен Балкан, каде што хидро и природниот гас се во пораст.
Кога станува збор за производството на тврд јаглен, тоа во 2022 година во ЕУ изнесуваше речиси 55 милиони тони. Во моментов, во ЕУ останаа само два производители на тврд јаглен: Полска и Чешка.
Потрошувачката на јаглен во 2022 година изнесуваше 160 милиони тони, 11 отсто помалку од 2019 година.
За разлика од кафеавиот јаглен, тврдиот јаглен се користи и во други индустрии покрај производството на електрична енергија и затоа со него тргуваат сите земји на ЕУ, освен Малта.
Две третини од вкупната потрошувачка на тврд јаглен во ЕУ се забележани во Полска (38 проценти) и Германија (25 проценти). Следуваат Италија, Холандија, Франција, Шпанија и Чешка.
Подготвено од А.Ѓ.