viber_image_2023-06-02_15-17-30-222

03.06.2023 Скопје

Мултимедијалниот, визуелно-музички проектот „Помеѓу празното и празнината“, кој произлегува од долгогодишната взаемна соработка на Билјана Петровска и Марина Цветановска Мартиновска, која е и носител на проектот, во четвртокот беше реализиран во Македонскиот културен центар во Њујорк.

Потребата да се дополнуваат музиката и визуелното во просторот е карактеристика на наведените уметнички во претходните уметнички настапи и престои, од каде и произлегува оваа идеја. Притоа наоѓајќи ја заедничката фреквенција преку современ пристап и обработка на заедничка тема празно, празнина, празен волумен, тишина и сл. Всушност при создавањето на релјефните форми и цртежи, Марина ги работи под инспирација на музиката на Билјана Петровска, а воедно Билјана наоѓа инспирација од делата на Марина при создавањето, компонирањето и аранжманот на музиката NOV AGE, а воедно музичките ноти го исполнуваат празниот волумен.

Делата на Марина се изработени на ниво на релјефи и објекти-инсталации во материјалот форекс, перфорирани и моделирани, истовремено аплицирани врз платно каширано на цврста основа. Истите се работени на квадратни формати во големина 20х20см и 30х30см, како и стандарден А4 формат. На истите се изработени портрети и симболи на животот и смртта , на постоењето на невидливото давајќи му форми од автопортрети, играта ХО (живот или смрт), како и составување на делови од портрет-автопортрет преку делото „Ангелски крик“. Истите се групирани во групации од по 9, 12 или 24, симболично поврзани со времето, постоењето, животот и смртта, исцртување и моделирање на празното, празнината и давање волумен на истите со појавување на сенката, која е многу значаен дел во визуелното восприемање на делата во простор. Невидливите силиконски траки кои се користени за сошивање или пришивање на позадината, пратејќи ја формата како да е измоделирана од хартија, се магичниот елемент кој се движи и менува, зависно од поставување на светлото и движењата во простор. Леснотијата на материјалот дозволува дел од делата да бидат поставени висечки во просторот.

Современата релаксирачка и амбиентална музика на Билјана Петровска уште повеќе го оформува невидливото, исполнувајќи го празниот волумен со изведба на пијано звуци на современиот стил на NOV AGE музиката. Од тука, синхронизацијата на амбиенталната изведба на музиката и празнината. Музичкиот дел се состои од три сегменти кои едноподруго ја потсилуваат празнината и невидливото, кое заедно со транпарентноста и сенките создава чувство на исполнетост, релаксираност и современо естетско визуелно и музичко оплеменување на просторот и доживување кај реципиентите. За да биде присутно истото чувство и во останатите денови од мултимедијалниот проект, музиката е снимена и аудио снимката е присутна во амбиентот и во останатите денови од поставката на изложбата.

Токму овој современ пристап и третман, кој тргнува од празнината на современото живеење при обид за наоѓање на метафизичките прашања за постоењето, минливоста, непостоењето, материјалното и духовното. Токму тој празен волумен, волумен од сенка и музика, можеби го дава дел од одговорот на прашањата или пак отвора нови. А, тоа е и целта на уметноста да допира, побудува чувства и восприемање индивидуално, трансформирајќи го во заедничко амбиентално релаксирачко чувство на исполнетост, себеиспитување и препознавање во современиот начин на живеење како и недостатоците или предностите кои ги создава глобализацијата наспроти единката, како невидлива честичка во универзумот.

Воедно, и насловите на делата на Марина: „Разговор со празнината“, „24/7 селфи“, „ХО“, „Ангелски крик“, „Помеѓу празното и празнината“ и сл. Како и насловите на трите музички сегменти на Билјана Петровска: „Поглед во празнотото“, „Поглед во квадрат“ и „Слушни ја празнината“, се и самите прашања кои провокативно допираат и го запрашуваат реципиентот од можноста за себепрепознавање во самите ликови, во тродимензионалноста на сенката и музиката.

Проектот е дел од годишната програма и финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author