https://www.facebook.com/kyriakosmitsotakis/photos/pb.100044193621427.-2207520000../10158662736742725/?type=3

27.06.2023 Скопје

Парламентарните избори во Грција беа одбележани со победа на Нова демократија на премиерот Киријакос Мицотакис.

Иако ова е најважниот исход, тие донесоа и неколку важни промени на политичката сцена: неуспех на левичарската Сириза, но и добар резултат за екстремната десница.

Дополнително, за првпат по долго време во грчкиот парламент ќе има осум партии.

Нова демократија освои 40,56 отсто од гласовите, што значи дека ќе има 158 места во 300-члениот парламент.

Следува Сириза со 17,83 отсто гласови (48 пратенички места), потоа ПАСОК со 11,86 отсто (32 пратеници) и Комунистичката партија со 7,68 отсто (20 места во собранието).

Ултрадесничарските Спартанци освоија 4,67 отсто, Елники Лиси 4,45 отсто, Ники 3,69 отсто, а Плевси Елетеријас е малку над прагот, со 3,17 отсто или осум пратеници, врз основа на 98,2 отсто од преброените гласови.

Сириза, во споредба со првите парламентарни избори пред пет недели, изгуби неколку проценти од гласовите, а сега треба да се преиспита пред да се појави како вистинска опозиција.

Исходот од изборите се смета за добар за пазарот и ја става Грција на пат да ја врати својата инвестициска оценка до крајот на годината, велат аналитичарите.

Мицотакис вети дека првите два закони во неговиот нов мандат ќе вклучат натамошни реформи во јавната администрација, како и економски реформи. Тој, исто така, вети „ремонт“ во секторите правда, здравство и образование и ја изрази својата намера да создаде министерство за семејство кое ќе помогне во справувањето со стареењето на населението во Грција.

„Оваа победа ќе и даде на Нова демократија комфорно мнозинство, ставајќи го Мицотакис во добра позиција да спроведе реформи поволни за инвеститорите“, изјави Волфанго Пиколи, ко-основач на фирмата за анализа на ризик Тенео.

Сепак, некои маргинални партии сега ќе имаат платформа да испраќаат популистички пораки и да се обидат да ја нарушат агендата на владата, со помош на „политички токсични“ прашања како што се миграцијата, односите со Турција, абортусот, улогата на религијата во образованието и санкциите против Русија, додаде Пиколи.

„Останува да се види како Мицотакис, кој често се смета за поранлив на екстремно десничарски напади со оглед на неговата посебна централнодесничарска либерална ориентација, ќе успее да се справи со можниот предизвик од пратениците на екстремната десница на опозицијата“, рече Пиколи.

Мујтаба Рахман, директор за Европа во тинк-тенкот Евроазија Груп, на Твитер рече дека победата на конзервативната Нова Демократија „следи слична патека на другите јужноевропски земји, кои сега се вратија на десно, откако се префрлија лево по финансиската еврозонска криза“.

Екстремно десничарските партии се најголемите „победници“ на овие избори. Пред сè, ова се однесува на малку позната политичка партија наречена Спартанци, која е поддржана од Илиас Касидиарис, поранешниот лидер на неонацистичката Златна зора.

Касидиарис е и поранешен пратеник, а во моментов издржува затворска казна од 13 години поради членство во криминална организација, токму поради тоа што бил на чело на Златна зора.

Спартанците освоија околу 4,7 отсто од гласовите, што укажува на политичко враќање на екстремната десница, наведува агенцијата АП, додавајќи дека парламентот пред овие избори вовел построги правила, со цел да го блокира Касидиарис да се кандидира.

Поради ова, партијата што ја основал во затвор била дисквалификувана, па поддршката ја насочил кон Спартанците.

„Победивме арогантен непријател. Тоа е голем триумф за Грција, нашата татковина“, напиша Касидиарис во твит од затвор во централна Грција, без да прецизира за кој непријател станува збор.

Лидерот на Спартанците, Василис Стигас, синоќа јавно му се заблагодари на Касидиарис за поддршката и рече дека „ќе ги застапува грчките идеали и вредности во следниот парламент, бидејќи тие идеали моментално отсуствуваат“.

Покрај Спартанците, во парламентот ќе влезе и ултрарелигиозната партија Ники, која има поддршка од дел од Грчката православна црква.

Во претходниот период Грција ја потресоа многу инциденти – од скандалот со прислушувањето, до големата железничка несреќа во која загинаа повеќе од 55 лица. Сето ова, сепак, се чини дека не ја намали популарноста на Мицотакис, имајќи предвид дека тој добива нов мандат од претседателот на земјата за формирање влада.

Партијата која важеше за негова најголема опозиција, Сириза, доживеа колапс, освојувајќи 48 места во парламентот и 17,83 отсто од гласовите (наспроти 40,56 на Нова демократија), што сепак претставува значителна разлика.

„Гласачите во Грција не беа убедени од Сириза бидејќи не се покажа како функционална алтернатива на Мицотакис. Имаше обиди за време на пандемијата и со овој скандал со прислушувањето, но најсериозен аргумент во корист на Мицотакис е тоа што тој успеа и покрај пандемијата и кризата, некако ја одржуваат ситуацијата стабилна“, рече Кицикопулос.

Тој додаде дека сега се создава простор за партијата ПАСОК, чиј лидер рече дека „тие се подготвуваат да бидат опозиција каква што заслужува Грција, за да застанат на патот на хегемонијата на Нова демократија“.

Лидерот на Сириза, Алексис Ципрас го призна поразот, велејќи дека се надева на подобар резултат за неговата партија во блиска иднина.

Новата грчка влада ќе има вкупно 20 министри.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author