пенов

09.06.2023 Скопје

Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов во рамки на презентацијата на Истражувањето на Пакомак за интегрирање на неформалните собирачи во формалната економија истакна дека управувањето со отпадот се уште е голем предизвик кај нас, уште повеќе што во област, спроведувањето на европските директиви бара ангажирање на големи финансиски ресурси, но и знаење. Затоа е важно да се аплицираат нови решенија, кои што истовремено ќе направат промени во повеќе сфери.

„Ја поздравувам иницијативата на Пакомак за изнаоѓање на нови, иновативни форми за управување со отпадот од пакување. Пакомак е пионер во оваа област и со своето работење, повеќе од една деценија активно придонесува во подигнувањето на свеста кај граѓаните и менување на односот кон отпадот. Во зависност од третирањето, отпадот од пакување може да биде најмасовен загадувач, или пак да создаде нова вредност преку негова преработка“, истакна Пенов.

Преку нови форми на организирање, корисноста може да биде повеќе димензионална, во исто време да се остваруваат и економски и социјални цели и да се придонесе за инклузивен и одржлив развој, а додадената вредност е во солидарноста, во интегрирањето на маргинализираните групи во формалната економија и во подигнувањето на стандардот на услугата.

Јавната чистота е првата слика која го создава впечатокот за работењето на локалната власт и на локалните служби. Оваа иницијатива е добар поттик надлежните институции и локалната самоуправа, секој во својата надлежност, да создадеме поволни услови за да заживее овој концепт на организирање.

„Неформалното собирање на отпадот од пакување е наше секојдневие. Сите сме свесни дека многу граѓани на овој начин ја обезбедуваат својата егзистенција. Но, без формализирање на овие активности, многу често направената штета е поголема од корисноста. Тоа најдобро го знаат локалните власти, затоа што управувањето со отпадот е локална надлежност и тие се соочуваат со граѓаните кои што со право, често реагираат. Затоа локалните власти се најповикани да учествуваат во развивањето на овој концепт“, додаде министерот Пенов.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author