12.06.2023 Скопје
Обилните дождови кои во последно време паѓаат во Кина се голема закана за жетвата на пченицата и ќе се одразат на цените на ова жито на светските берзи.
Кина произведува 137 милиони тони пченица, а обилните дождови ќе влијаат на родот од 30 милиони тони, што ќе ја зголеми потребата на Пекинг за увоз.
Нивите се влажни и ќе бидат потребни денови за да се исушат за жетва, а уште поголем проблем е предвременото ртење на семето. Пченицата што расте од предвремено никнати семиња е со послаб квалитет и не може да се користи за правење леб или тестенини, туку само како добиточна храна.
Провинцијата Хенан се смета за житница на Кина, бидејќи таму се одгледува една третина од вкупното производство на кинеска пченица, а дождовите таму се многу обилни.
„Увозот на пченица во Кина веќе е во пораст. Доколку дојде до оштетување на посевите, веројатно е дека Кина ќе мора да го зголеми увозот на ова жито следната година, што секако ќе влијае на нејзината цена“, вели Дарин Фридрихс, ко-основач на консултантската куќа Ситонија Консалтинг.
Кина има огромни силоси за жито, што сепак може да го спречи растот на цените на храната на глобално ниво, додаде тој.
Подготвено од А.Ѓ.