30.06.2023 Скопје
„Вагнер“ е единствената воена формација која одби да потпише договор со руското Министерство за одбрана непосредно пред да го започне бунтот минатата недела.
Ова го изјави заменикот Андреј Картаполов, шеф на комитетот за одбрана на Државната дума.
„Сите освен „Вагнер“ се согласија. Освен овој господин кој одби“, рекол заменикот, избегнувајќи да го повика по име шефот на таа приватна воена група Евгениј Пригожин.
Откако шефот на „Вагнер“ одбил да парафира, му било кажано дека неговата единица нема да учествува во Специјалната воена операција.
„Тоа практично значеше дека нема да има повеќе пари, финансиски и материјални средства. А за господинот Пригожин парите се важен фактор, можеби и одлучувачки“, рече заменикот.
Освен што ќе му бидат прекинати финансиите, бунтот на шефот на „Вагнер“ беше предизвикан и од преголема возбуда, но и од „претерани и глупави амбиции“, оцени Картаполов.
„И сето тоа се собра во предавството и измамата на неговите другари“, заклучи тој.
Рускиот претседател неодамна изјави дека Русија целосно го финансирала „Вагнер“ и дека од мај 2022 година до мај годинава властите на приватната воена компанија и платиле повеќе од 86 милијарди рубљи, што е околу една милијарда евра.
Во исто време, сопственикот на компанијата „Конкорд“ добил 80 милијарди рубљи од државата за снабдување на армијата со храна за една година, прецизираше рускиот лидер.
Вооружениот бунт на „Вагнер“ беше прекинат благодарение на преговорите што во саботата ги водеше белорускиот лидер Александар Лукашенко, во договор со претседателот на Русија.
На крајот, Пригожин се согласил да замине во Белорусија, додека на некои од борците кои не учествувале во бунтот им било понудено да потпишат договор со Министерството за одбрана, а на другите „вагнерци“ им било ветено дека нема да бидат кривично гонети.
Непосредно пред почетокот на бунтот, руското Министерство за одбрана објави дека повеќе од 20 руски волонтерски организации вклучени во конфликтот со Украина потпишале договори.
Пригожин одби да го следи примерот, тврдејќи дека неговата група е „високо ефикасен ентитет“ кој е „органски интегриран во целокупниот систем“.
Подготвено од А.Ѓ.