01.06.2023 Скопје
Унгарската управа за спроведување на затворски санкции соопшти дека во последните недели, унгарските власти ослободија од затвор 777 странци, главно српски, украински и романски државјани осудени за трговија со луѓе.
Во соопштението се наведува дека поради преполните унгарски затвори, унгарскиот премиер Виктор Орбан во април издаде декрет со кој се дозволува ослободување на странски државјани осудени за шверц на луѓе под услов да ја напуштат Унгарија во рок од 72 часа од ослободувањето.
Тој потег на унгарската влада предизвика протест од соседна Австрија, која е една од дестинациите на бегалците кои од Балканот заминаа кон земјите на ЕУ.
Официјална Виена објави дека ослободувањето на трговците со луѓе го смета за безбедносна закана.
Управата за спроведување на затворски санкции соопшти дека за трговија со луѓе се осудени вкупно 2.636 лица, од кои 808 странски државјани имаат право на условен отпуст.
„Затворањето на странски државјани ја чини Унгарија милијарди форинти секоја година“, соопшти управата за спроведување на затворските санкции.
Подготвено од А.Ѓ.