08.06.2023 Скопје
Новак Ѓоковиќ во петок ќе го игра полуфиналето на Ролан Гарос против Карлос Алкараз, а тој меч сите го чекаа откако беше објавена ждрепката.
Организаторите одлучија дуелот да се игра од 14:45 часот како прво од двете полуфиналиња на стадионот „Филип Шатрије“. Од моментот кога беше јасно дека двајцата ќе играат во полуфиналето, се зборуваше само за тој меч.
Алкараз моментално е играч број еден во светот и игра во неверојатна форма која ја покажа против Стефанос Циципас кого го демолираше со 3:0 во сетови.
Ѓоковиќ, пак, на земјена подлога игра најдобро од почетокот на сезоната и речиси сигурно стигна до полуфиналето. Српскиот тенисер се обидува да го освои својот 23. Грен слем во кариерата, со што би станал апсолутен рекордер.
Двајцата играа само еднаш, пред една година во Мадрид, кога Алкараз победи со 6:7, 7:5, 7:6 во вистински тениски трилер по пресврт. Според експертите, Алкараз важи за фаворит, но искуството е на страната на Ѓоковиќ, па се очекува уште еден возбудлив дуел.
Во второто полуфинале ќе играат Александар Зверев и Каспер Руд, по крајот на мечот на Ѓоковиќ.
Подготвено од А.Ѓ.