leshochki manastir

14.06.2023 Скопје

Фреската од архирејот Кирил Александриски е пронајдена во олтарот на храмот Богородица и е дел од најстарото сликарство на манастирската црква кое датира најверојатно од 13 век. Се работи за позаштитена фреска од фрагментот на живописот, кој во ова светилиште беше пронајден пред две недели.

Владо Муковски од Националниот конзерваторски центар кој со својата екипа работи на реставрација на црквата, која е со трослојно сликарство од 19, 17 и најверојатно настарото од 13 век, вели дека се работи за ретко културно-духовно богаство, на кое ќе треба долгорочно да се работи за да се заштити, а за тоа се потребни и повеќе финансии од државата.

„Неодамна информиравме дека најдовме мал фрагмент на трослоен живопис, но пред неколку дена дојдовме до поголемо откритие пронајдовме Архиреј, станува збор за Кирил Александриски, допрва историчарите ќе имаат доста работа да го датираат периодот. Ги раслојувавме слоевите и го презентираме живописот од 19 век и од 17 век и најстариот од 13 или 14 век, тоа е реткост во светски рамки“, рече Муковски.

Според него, потребно е долгогодишно финансирање и поддршка, бидејќи станува збор за деликатна работа која бара континуитет во работењето и слух од надлежните дека овој потфат ќе даде големи резултати.

Министерката за култура Бисера Костадиновска денеска го посети Лешочкиот манастир по информациите за пронајденото трослојно сликарство. Таа вели дека како министерство вложувале во реставрација на црквата, но како што посочи, законот не дозволувал повеќегодишно финансирање, затоа и тука во манастирската црква се работело со застои. Во процедура е менување на законот, со цел конзервацијата да добие поголема динамика. Воедно, дополни дека за реконструкцијата на конакот на Лешочкиот манастир имало неколку неуспешни тендери, новиот тендер кој ќе биде распишан ќе биде за целосно завршување на конакот, а не во фази како досега.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author