kovid 19 kina vuhan

21.06.2023 Скопје

Во ноември 2019 година, неколку недели пред да се утврдат првите случаи на „Ковид-19“ во Кина, тројца истражувачи од Институтот за вирологија во Вухан се разболеле од заболување кое никогаш не било утврдено.

Ова го посочуваат информациите на американските разузнавачки служби кои се чини дека ја потврдуваат тезата за „лабораториско истекување“ за потеклото на коронавирусот, теорија која во последните месеци ја застапува и Федералното биро за истрага (ФБИ) и Министерството за енергетика на Вашингтон.

Според американското разузнавање, симптомите што ги покажал истражувачот идентификуван како Бен Ху, во ноември 2019 година се компатибилни и со она што подоцна ќе се нарече „Ковид-19“. Сепак, ниту еден од истражувачите не починал од оваа болест. Три години подоцна, откако пандемијата однесе речиси седум милиони животи ширум светот, потеклото на вирусот се уште е предмет на дебата.

Првичната хипотеза, онаа за скокот на видовите, никогаш не е потврдена, а меѓународната научна заедница се уште е поделена на оваа тема. Минатата година, помагајќи да се поттикнат тензиите со Кина, ФБИ утврди „со умерен степен на доверба“ дека потеклото на вирусот би можело да биде лабораториско истекување што се случило во Институтот за вирологија во Вухан. Подоцна до сличен заклучок дојде и Министерството за енергетика.

Четири други американски разузнавачки агенции, од друга страна пак, веруваат дека е поверојатно потеклото на вирусот да е природно. Американската разузнавачка заедница сепак треба да декласифицира нови информации во врска со досието во следните неколку дена, можеби и со детали за истражувачите кои се разболеле во ноември 2019 година.

Другите двајца научници се Ју Пинг и Јан Жу. Ју Пинг е првиот автор од 2019 година кој ја соопшти тезата за потеклото на коронавирусот од лилјак.

Сепак, најважното име останува она на Ху, кој според одредени извори одиграл централна улога во истражувањето за коронавирусот во Вухан, од кои некои биле финансирани од САД.

Ху бил и близок соработник на Ши Женгли, кој е водечки експерт за коронавирусот. Првиот официјален случај на Ковид-19 беше потврден во самиот Вухан на 8 декември.

Кина отсекогаш ја отфрлаше хипотезата дека Ковид-19 е резултат на лабораториско истекување и со текот на годините исто така се сомневаше дали пандемијата потекнува од Вухан.

Потпаролот на Министерството за надворешни работи на Пекинг, Ванг Венбин, изјави дека вистинската пречка за проучување на потеклото на Ковид е политичката манипулација на Соединетите Американски држави.

Подготвено од М.Н.

About Author