19.06.2023 Скопје
Европската комисија предложи нови правила според кои мобилните телефони и таблетите што се продаваат на пазарот на ЕУ ќе треба да вклучуваат податоци за нивната енергетска ефикасност, траење на батеријата, заштита од прашина и вода и отпорност на случајни падови.
„Прво и основно – вашиот телефон треба да трае повеќе од две или три години. И ако во меѓувреме се оштети, би требало лесно да се поправи“, рече извршниот потпретседател на Европската комисија, Франс Тимерманс.
Тимерманс посочува дека многу често паметните телефони ја губат својата функционалност поради празнење на батеријата или затоа што ажурирањата на софтверот ги застаруваат постарите модели.
„Овие предлози го продолжуваат животниот век на телефонот и го олеснуваат одржливиот избор“, додаде Тимерманс.
Предлогот за првпат воведува рејтинг за поправка на производот за да им помогне на потрошувачите да донесат подобри и поодржливи одлуки за купување.
Комисијата вели дека мобилните телефони и таблетите произведени според овие правила ќе заштедат речиси 14 TWh (терават часови) примарна енергија секоја година до 2030 година. Тоа е една третина од денешната потрошувачка на примарна енергија на овие производи.
Новите правила ќе помогнат и да се оптимизира употребата на клучните суровини и да се олесни нивното рециклирање. Според новите правила, мобилните телефони и таблетите ќе ги имаат добро познатите букви од А до Г за енергетската ефикасност.
Новите правила се делегиран акт за воведување на актот на штотуку одобрената регулатива за екодизајн. Делегираниот акт ги утврдува минималните барања за мобилни и безжични телефони и таблети пласирани на пазарот на ЕУ. Според предлогот, производите ќе треба да исполнуваат минимални барања за: отпорност на случајни падови или гребаници; заштита од прашина и вода и употреба на доволно издржливи батерии. Батеријата треба да издржи најмалку 800 циклуси на полнење и празнење, задржувајќи најмалку 80 проценти од својот почетен капацитет.
Предлогот содржи и правила за расклопување и поправка, вклучително и обврските на производителите да ги направат достапни критичните резервни делови на сервисерите во рок од пет до десет работни дена и до седум години по завршувањето на продажбата на моделот на производот на пазарот на ЕУ. Производителите мора да обезбедат достапност на надградби на оперативниот систем на подолги периоди: најмалку пет години откако производот ќе биде пласиран на пазарот.
Бидејќи се работи за делегирана регулатива, сега законодавците на Советот на Европа и на Европскиот парламент имаат два месеци за евентуални приговори на предложениот текст. Доколку нема приговори, текстот се смета за формално усвоен.
По стапувањето во сила на одобрената регулатива за екодизајн и актот за воведување со новите правила за мобилни и таблети, останува преоден период од 21 месец пред да стапат во сила двата закони.
Подготвено од А.Ѓ.