uapseni

30.06.2023 Скопје

Францускиот претседател Емануел Макрон во текот на денот ќе одржи нова итна седница на Владата откако 421 лице беа уапсени во немири, трета ноќ по ред, по смртта на тинејџер во полициска интервенција.

Седницата ќе се одржи во 13:00 часот, стои во извештајот.

Нови апсења беа извршени низ цела Франција, објавија неколку француски медиуми, повикувајќи се на министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин.

Тој синоќа распореди 40.000 полицајци во обид да ги смири големите немири.

Во Нантер, работнички град во западното предградие на Париз, каде во вторникот беше убиен 17-годишниот Нахел М., демонстрантите запалија автомобили, забарикадираа улици и фрлаа предмети кон полицијата, откако претходно одржаа мирно бдеење во чест на младиот човек.

Во центарот на Париз е провалена продавница за чевли „Најк“, а неколку лица се уапсени откако биле искршени стаклата на трговската улица Ру де Риволи, соопшти париската полиција.

Видеата на социјалните мрежи покажаа бројни пожари низ целата земја, вклучително и на автобуска станица во предградие северно од Париз и на трамвај во Лион.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author