19.06.2023 Скопје
Податоците од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) покажуваат дека водостојот на Преспанското Езеро изнесува 842,22 mнм, односно истиот е намален и во споредба со водостојот од пред една година, кога изнесуваше 842,33 mнм.
Мерењето е извршено на 13 јуни 2023 година, и истото покажа дека водите на Преспанското Езеро не престануваат да се повлекуваат, а штетните последици од губењето на езерските води засега недоволно ги алармираат одговорните власти за преземање конкретни чекори кои ќе водат кон заштита на второто по големина природно езеро во земјава.
Според мерењето, водостојот на Преспанското Езеро е помал за дури 1,94 метри во однос на просечната вредност за јуни, која според УХМР треба да изнесува 844,16 mнм. Овие податоци се уште позагрижувачки поради фактот што периодов имаше интензивни врнежи од дожд, а токму во мај и во јуни се топи снегот на планините и издашноста на самите реки и извори треба да доведува поголемо количество води во самото езеро.
Од Македонското еколошко друштво објаснуваат дека природата на самото езеро е таква, што имало периоди кога нивото на езерото било многу ниско, па се зголемувало. Климатските промени и недоволното количество врнежи водат кон тоа дека приоритетно е преземањето мерки за заштита на водите, ама самите мерки подразбираат подолгорочно третирање на проблемот. Според МЕД, треба да се стави акцент на рационализација на потрошувачката на водите, но и со земјоделците да се работи на проблемот со користењето на пестициди.
Подготвено од А.Ѓ.