07.06.2023 Скопје
Продолжуваат меѓусебните обвинувања меѓу Киев и Москва за уривањето на големата брана Нова Каховка во областа Керсон. Нивото на водата порасна за 12 метри. Евакуирани се повеќе од илјада луѓе, истекле тони нафта.
Нападот на браната го осудија Европската унија, НАТО и САД. Ја повикуваат Москва на одговорност.
Нивото на водата во Нова Каховка утрово почна да опаѓа, по вчерашниот пораст поради уривањето на браната, соопшти локалната управа формирана од Москва.
„Нивото на водата на претходно поплавените улици на Нова Каховка почна да опаѓа“, соопштија локалните власти на Телеграм.
Големата брана Нова Каховка вчера беше уништена при гранатирање, а водата се излеа и ја поплави околината. Прогласена е вонредна состојба, а населението се евакуира.
Руските власти тврдат дека Украина ја саботирала браната Каховка за да го одвлече вниманието од неуспешната контраофанзива и да го прекине водоснабдувањето на Крим.
Киев, од друга страна, ја обвини Русија дека нејзините сили ја кренале во воздух хидроелектричната брана Каховка во јужна Украина.
„Денеска руските терористи извршија внатрешна детонација на структурите на хидроцентралата Каховка. Околу 80 населени места се во зоната на поплавите“, изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Членовите на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина рекоа дека најмалку 150 метрички тони моторно масло се излеале во Днепар и постои ризик од дополнително истекување на повеќе од 300 метрички тони.
Нападот на браната го осудија Европската унија и НАТО. Ја повикуваат Москва на одговорност. Најавуваат помош за Украина се додека е потребна.
Белата куќа ги истражува наводите дека Русија ја гранатирала ХЕ Каховка.
Во исто време, борбите продолжуваат на фронтот низ цела Украина. Москва тврди дека руските војници го запреле обидот за долгонајавувана повеќестрана украинска офанзива.
Властите во Киев, пак, најавуваат дека системите за противвоздушна одбрана собориле повеќе од 20 крстечки ракети.
Подготвено од А.Ѓ.