28.06.2023 Скопје
Бразилското Министерство за земјоделство го потврди првиот случај на птичји грип на фарма во општина Сера, во државата Еспирито Санто.
Птичјиот грип, кој моментално доживува глобална експанзија, се смета за високо заразна вирусна болест која главно ги погодува дивите и домашните птици.
Бразилските власти внимателно го следат ширењето на вирусот на птичјиот грип кој досега ги погодуваше само дивите птици.
Присуството на различни избувнувања го натера министерот за земјоделство, Карлос Фаваро, на 23 мај да прогласи вонредна состојба за здравјето на животните на целата национална територија, со важност од 180 дена.
Покрај препораката за избегнување контакт со птици, особено со болни и повредени птици, Министерството нареди и прекинување на сите забавни настани со присуство на животни. Дополнително, Одделот за одбрана за земјоделство на Министерството формираше Центар за итни операции за координација, планирање, евалуација и контрола на националните активности поврзани со птичјиот грип.
На 6 јуни, владата на Бразил додели околу 37,8 милиони евра на Министерството за земјоделство за справување со здравствената вонредна состојба предизвикана од епидемијата Х5Н1.
Средствата ќе бидат специјално наменети за Единствениот земјоделски здравствен систем за заштита (SUASA). Меѓу преземените активности ќе има тест кампања и здравствена заштита за сомнителни случаи.
Во меѓувреме, за да се спречат туристите и посетителите да дојдат во контакт со птици заразени со вирусот H5N1, владата на државата Еспирито Санто која е најтешко погодена од феноменот, со вкупно 26 случаи го забрани пристапот до тринаесет туристички острови надвор од брегот.
Подготвено од М.Н.