19.06.2023 Скопје
Од Македонската банкарска асоцијација информираат дека деловните банки во земјата повеќе не прифаќаат ефективни парични средства во норвешка круна и шведска круна.
Како причина се наведуваат прекинатите врски за размена на ефективните парични средства во овие две валути од страна на деловните банките во Норвешка и Шведска. Тоа, пак, се должи на зголемената претпазливост која произлегува од нивната регулатива за спречување перење пари, за што има официјални известувања од централните банки на овие две земји.
Сепак, Македонската банкарска асоцијација известува дека оваа одлука нема никакво влијание врз безготовинскиот промет. Клиентите и понатаму на девизниот пазар можат да купуваат и продаваат норвешки и шведски круни. Начинот е ист како оној што од неодамна се одвива при тргувањето со данските круни.
Подготвено од А.Ѓ.