26.06.2023 Скопје
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска во Вилнус ќе се сретне со претседателот на Литванија, Гитанас Науседа, како дел од подготовките за самитот на НАТО на 11 и 12 јули во главниот град на Литванија.
Претседателот Науседа повика на зајакнување на источното крило на алијансата по краткиот вооружен бунт на приватната воена компанија Вагнер против Москва, поради што, шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин оди во егзил во Белорусија, а Белорусија граничи со Литванија, членка на НАТО.
Науседа предупреди дека присуството на Пригожин во Белорусија и превирањата во Русија го ставиле регионот во опасна ситуација, и не само Литванија, туку и НАТО како целина.
Претседателот на Литванија истакна дека се уште нема информации дали шефот на Вагнер е веќе во Белорусија и најави дека Литванија ќе распореди повеќе разузнавачки ресурси за да ги процени „политичките и безбедносните аспекти“ во Белорусија.
Подготвено од М.Н.