29.06.2023 Скопје
Во рамки на дводневната официјална посета на Берлин, премиерот Димитар Ковачевски во изјава за медиумите истакна дека „вчера беше исклучително јасна пораката на германскиот канцелар, Германија останува една од најпосветените партнери и држава која што дава најголема поддршка на земјите од Западен Балкан за интеграција во ЕУ“.
„Беа одговорени и добар дел од прашањата кои се поставуваа, а тоа се однесува на одлуките кои треба да ги донесеме. Канцеларот беше многу јасен дека Германија стои зад нас и дека она што е договорено со 27-те земји членки на ЕУ и е дел од преговарачката рамка практично е она до што се придржуваат земјите членки на ЕУ и дека гаранција за тоа се земјите членки на ЕУ“, додаде Ковачевски.
Премиерот Ковачевски, исто така, истакна дека германскиот канцелар Шолц „ја изрази поддршката на Германија во делот на одлуката која ја имаме пред нас, а тоа е гласањето на уставните амандмани за вметнување на други делови од народи вклучувајќи ги деловите од бугарскиот народ во Преамбулата на нашиот устав“.
„Тоа е одлука која што треба да се донесе до завршувањето на скринигот со цел процесот да не застане и да може Република Северна Македонија непречено да го продолжи отворањето на поглавјата и реформите кои ќе следуваат, за што повторно ќе бидат потребни 2/3 во делот на реформата на правосудството, во делот на реформата на јавната администрација, реформата на медиумите сè се тоа закони кои што донесуваат со 2/3 мнозинство. Затоа велам дека овој тип на гласање и овој тип на реформи не треба да биде предмет на дневно политички дебати и теми на кои се добиваат дневно политички поени од избори на избори, туку треба да бидат предмет на еден општествен консензус бидејќи со нив се обезбедува побрза интеграција на државата и на ЕУ и пред се подобар животен стандард за граѓаните“, рече Ковачевски.
Во соработката со Германија, земја која е најголем трговски партнер на Република Северна Македонија, најзначајна е економијата. Над 3,5 милијарди евра годишен извоз од земјава оди во Германија, додека пак 200 германски компании се инвеститори во Република Северна Македонија, и истите вработуваат над 20.000 работници.
Подготвено од А.Ѓ.