kovachevski i mickoski

08.06.2023 Скопје

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска имаше средба со претседателот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

На средбата се разговараше за важноста сите политички партии во државата да го поддржат европскиот пат на државата, со цел да се осигура европски квалитет на живот за граѓаните дома и членство на Република Северна Македонија во Европската Унија.

„Сакам да изразам задоволство и драго ми е што денес се видовме со г. Мицкоски претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, бидејќи сметам дека тоа е начин на кој треба да се комуницира на прашања кои се важни за иднината на државата, на граѓаните. Ваков демократски дијалог треба да има на сите нивоа, не само меѓу претседателите на политичките партии туку и меѓу пратениците во Собранието и меѓу претставниците на другите институции во кои се застапени и на локално ниво претставниците и на власта и на опозицијата“, изјави Ковачевски.

Премиерот Ковачевски истакна дека граѓаните заслужуваат да имаат функционални институции и заслужуваат да живеат во држава во која постои политички дијалог меѓу политичките партии кои застапуваат различни идеолошки провиненции, потенцирајќи дека ВМРО-ДПМНЕ не е против уставните измени во државата и тоа е заеднички заклучок и клучна порака од оваа средба „која што ја имавме денес и тоа е добро, бидејќи вакви одлуки јас од прв ден кажав дека се одлуки на сите партии, на целото општество“.

„Ова не е процес на еден човек, на една партија, не е процес на една Влада туку е процес во кој треба да учествуваат сите и заедно да обезбедат подобра и попросперитетна иднина на сегашните и на идните генерации“, потенцира Ковачевски.

На средбата, исто така, имаат направено јасна дистинкција за тоа дали ќе се интегрира државата во ЕУ или ќе се остави изолирана, што според Ковачевски е добро дијалогот да се води и да продолжи и на крајот сите „заедно да изградиме еден став дека за државата е најдобро да биде интегрирана во ЕУ и со та да ги оствари целите за унапредување на општеството во сите сегменти, во делот на владеењето на правото, социјалната правда и економскиот просперитет кој се клучни придобивки од зачленувањето во ЕУ“.

„Вклучување на други делови од народи во преамбулата на нашиот устав се чекор напред на овој европски пат и гласот за нив, е глас за европската иднина на државата“, истакна тој.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author