21.06.2023 Скопје
Летната краткоденица е астрономски настан кој го означува најдолгиот ден во годината и почетокот на летото на северната хемисфера. Речиси секогаш паѓа на 21 јуни, но може да падне и на 20 јуни или 22 јуни во зависност од годината и временската зона во која се наоѓате.
На тој ден, речиси 90 отсто од светското население, кое живее над екваторот на северната хемисфера, ќе има најдолг период на дневна светлина во годината, а исто така и најкратка ноќ.
Летната краткоденица настанува кога Сонцето е на највисоката позиција на небото. Ова се случува еднаш годишно, бидејќи оската на Земјата е навалена за околу 23,5 степени во однос на нејзината орбитална рамнина околу Сонцето. Ова навалување е исто така она што предизвикува промена на годишните времиња.
Неколку дена или недели пред и по 21 јуни, оние што живеат на Арктикот, вклучително и делови од Алјаска, Канада, Гренланд и Скандинавија, ќе имаат континуирана дневна светлина што ќе резултира со она што е познато како полноќно сонце.
Летната краткоденица, исто така, го означува првиот ден од летото во астрономска смисла за оние кои живеат на северната хемисфера.
Астрономите ги користат датумите на двете солстици и две рамноденици за да ги обележат годишните времиња. Рамноденица настанува кога Сонцето ќе ја премине патеката на екваторот и ќе се позиционира точно помеѓу северната и јужната хемисфера.
Астрономските сезони за северната хемисфера најдобро се приближуваат како:
– Пролет (21 март)
– Лето (21 јуни)
– Есен (21 септември)
– Зима (21 декември)
Метеоролозите, од друга страна, користат температурни циклуси за да ја поделат годината на четири сезони, секоја точно по три месеци.
Метеоролошките сезони за северната хемисфера се дефинирани како:
– Пролет (1 март)
– Лето (1 јуни)
– Есен (1 септември)
– Зима (1 декември)
21 јуни е најкраткиот ден во годината на јужната хемисфера, а тоа влијае на околу 10 отсто од светската популација.
За оние кои живеат во земји како Аргентина, Австралија, Јужна Африка и Нов Зеланд, на 21 јуни се одбележува зимската краткоденица или првиот ден од зимата. Во антарктичкиот круг ќе се случи поларна ноќ, каде ќе има нула дневна светлина.
Летната краткоденица се слави во многу култури. Низ историјата, различни култури се потпирале на небесни настани со цел да ги одредат земјоделските практики, како на пример кога да се засадат и берат култури или во развојот на различни календари ширум светот.
Во Шведска, средината на летото ја означува средината на сезоната на растење, а традициите вклучуваат пеење, танцување и палење огнови.
Илјадници луѓе се собираат и во Стоунхенџ, антички споменик во Вилтшир, Англија, за да го видат изгрејсонцето усогласено со камењата.
Подготвено од А.Ѓ.