kina ne e podgotvena na kompromis so tajvan

19.06.2023 Скопје

Кина не е подготвена на компромиси за тајванското прашање, објави кинеската државна телевизија, прикажувајќи дел од разговорот што се одржа денеска во Пекинг меѓу директорот на комисијата за надворешни работи на централниот комитет на кинеската Комунистичка партија, Ванг Ји, и државниот секретар на САД, Антони Блинкен.

Американскиот државен секретар денеска во Пекинг ќе се сретне и со претседателот Си Џинпинг. Разговорот со шефот на кинеската држава е охрабрувачки знак за взаемен интерес за обновување на дијалогот и санирање на влошувањето на билатералните односи, кои според кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг се моментално „на најниско ниво“.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен и кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг вчера одржаа „конструктивен“ разговор во Пекинг и подготвија основа за нова средба, соопштија од американскиот Стејт департмент.

САД ставија во центарот на разговорите низа прашања кои генерираат „загриженост“, но и „можности за проверка на соработката за меѓународни прашања“, каде што можат да се „усогласат“ интересите на Вашингтон и Пекинг.

Блинкен повтори дека Соединетите Американски Држави секогаш ќе ги бранат интересите и вредностите на американскиот народ и ќе работат со своите сојузници и партнери на унапредување на визијата за слободен, отворен свет кој го поддржува меѓународниот поредок заснован на правила.

Кинеската страна ја сподели важноста за олеснување на трговијата меѓу двете популации, а државниот секретар го повика кинескиот министер за надворешни работи во Вашингтон за да ги продолжат разговорите.

Подготвено од М.Н.

About Author