20.06.2023 Скопје
Комисијата за заштита на конкуренцијата во Република Северна Македонија соопшти дека, холандскиот фонд „Балкан Алајанс Хелткер Б.В“ купува мнозински удел во болницата „Жан Митрев“ и стекнува директна контрола врз неа.
Како што информираа од клиниката, преговорите се за влез на Фондот како партнер во Клиниката што ќе овозможи здравствената установа да прерасне во регионален медицински центар.
Холандската фирма врши дејност на финансиска холдинг компанија, која врши инвестиции во претпријатија кои вршат дејности поврзани со здравствени услуги. „Балкан Алајанс Хелткер“ е формиран во 2006 година од страна на повеќе европски и американски инвестициски фондови. Предводен е од Дејвид Лајл Метјувсон и Андреи Кристијан Крикливи кои се бизнисмени во делот на инвестиции во здравствениот сектор, телекомуникациските медиуми и финансиските услуги.
„Балкан Алајанс Хелткер“ во делот на здравствениот сектор имаат свои инвестиции во Албанија и Косово каде поседуваат шест медицински центри, а во план за регионално проширување се Република Северна Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Турција и Романија. Вредноста на фондот во моментот е 320 милиони американски долари.
Комисијата за заштита на конкуренцијата ги повика сите заинтересирани страни доколку имаат да достават забелешки и мислења за оваа одлука до Комисијата.
Подготвено од М.Н.