makedonija

07.06.2023 Скопје

Националниот демократски институт спроведе ново истражување кое покажува дека економските прашања се сè поважни за граѓаните на Република Северна Македонија поради инфлацијата и зголемените трошоци за електрична енергија.

Од анкетираните граѓани 58% се многу загрижени за намалениот животен стандард, ниските плати и ниските пензии, а 4 од 10 испитаници трошат најголем дел од семејниот буџет на храна.

Половина од населението вели дека често или повремено имаат тешкотии да ги платат сметките на крајот од месецот, при што граѓаните со понизок социо-економски статус (89 проценти) и оние кои живееат во рурални населени места (53 проценти) имаат поголеми потешкотии да ги покријат трошоците за живот.

Испитаниците се песимисти за иднината, речиси 40 проценти веруваат дека економската состојба, животниот стандард и висината на платите и пензиите ќе се влошат во наредните 12 месеци. Седум од десет анкетирани граѓани (71 проценти) ги поддржуваат партиите кои имаат дефиниран план за подобрување на економската состојба.

Речиси една третина од граѓаните (28,7 проценти) сметаат дека намалувањето на вкупната потрошувачка е решение за надминување на сегашната економска криза. Покрај тоа, огромно мнозинство граѓани (91 процент) сметаат дека зголемувањето на цените е најголемата закана за нивната финансиска состојба и предлагаат владата да даде приоритет на „ценовната стабилност“.

Граѓаните ги поддржуваат владините одлуки за зголемување на минималната нето плата (72 проценти), замрзнување на цените (речиси 83 проценти) и ограничување на профитот на основните прехранбени производи (68 проценти). Мнозинството граѓани (67 проценти) сметаат дека владата треба да продолжи со субвенциите за прехранбените производи и сметките за електрична енергија (48 проценти) како ефикасна мерка за ублажување на негативните ефекти од кризата.

Неодамнешната антикризна кампања се смета дека има ограничен досег бидејќи значителен дел од граѓаните (39 проценти) не се информирани за повеќето од мерките, особено граѓаните со понизок социо-економски статус. Додека повеќе од една третина од потрошувачите (38,7 проценти) не се запознаени со нивните права како потрошувачи, 56 проценти не се свесни дека постојат програми за заштита на потрошувачите.

Позагрижувачки е податокот дека над половина од потрошувачите (54 проценти) не им веруваат на давателите на услуги, ниту на судството (71 проценти) во случај на спор околу трансакција со компанија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author