delcevo poplava nevreme

09.06.2023 Скопје

Како резултат на поплавите од вчерашното невреме кое го зафати Делчево, се уште се санираат последиците и се испумпува вода од поплавените куќи.

Во невремето поплавени беа голем број куќи во пониските делови од градот, а најзагрозени беа жителите од населбата Пролет чии куќи поради излевањето на река Габровчица пливаа под вода.

Во текот на ноќта освен пожарникарите од Делчево на терен беа и пожарникари од Кавадарци, Кочани, Берово и Македонска Каменица, а терен беа и вработени во комуналното претпријатие кои со механизација расчистуваа дел од наносите на патната мрежа.

Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, информираше дека се ставени во функција сите расположливи ресурси, но за целосно справување со последиците ќе биде потребна и поголема поддршка од државата.

Градоначалникот Трајковски упати апел до загрозените граѓани да ја пријавуваат состојбата на дежурниот телефонски број изразувајки надеж дека во текот на денешниот ден работите ќе бидат ставени под целосна контрола.

Подготвено од М.Н.

About Author