16.06.2023 Скопје
Вчеравечер, Бундестагот со мнозинство гласови на пратениците од трите владејачки партии, Социјалдемократите, Либералите и Зелените ја изгласа резолуцијата со која се дава поддршка на македонскиот идентите, јазик и култура на патот на Република Северна Македонија кон членство во Европската Унија.
Опозициските партии, вклучително и конзервативната Христијанско-демократска унија/Христијанско-социјална унија на поранешната канцеларка Ангела Меркел, не ја поддржаа резолуцијата.
Резолуцијата пред пратениците ја претстави државната секретарка за Европа во германското МНР, Ана Лирман, која доаѓа од редовите на Зелените.
„Со оваа резолуција им оддаваме длабока почит на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја“, порача од говорницата Лирман.
Лирман најави дека наскоро повторно, по четврти пат во последната година, ќе дојде во Скопје заедно со нејзините колеги од Франција и Полска во обид да се охрабрат уставните измени.
„Граѓаните ја губат вербата во ЕУ перспективата. Мора да ја вратиме довербата во ЕУ и да ги искористиме сите можности за да ги охрабриме нашите партнери во Република Северна Македонија“, рече Лирман.
Пораката на Лирман е дека промената на Уставот не го загрозува македонскиот идентитет, туку го зајакнува мултиетничкиот карактер на државата.
„Тврдењата дека ова ќе го загрози идентитетот се погрешни. Вметнувањето дополнителни заедници во Уставот, напротив само ќе го зајакне мултиетничкиот карактер на државата која е пример за целиот регион“, рече Лирман
Двајца пратеници на опозициските сестрински партии ЦДУ/ЦСУ се изјаснија против резолуција. Кристоф Клос од ЦДУ го критикуваше владејачкото мнозинство затоа што ја издвојува Република Северна Македонија од останатите држави од регионот.
Во сличен тон, и Тобијас Винклер од баварската ЦСУ го критикуваше предлогот со кој се издвојува Република Северна Македонија и бараше да се прифати предлогот на неговата пратеничка група во која се бара поддршка за сите шест земји од За Балкан.
„Барате резолуција само за една земја, со лош тајминг“, рече Винклер образложувајќи дека ситуацијата е „политичка чувствителна” во Северна Македонија и дипломатски сензитивна- алудирајќи на спорот со Бугарија. На крајот тој иронично им порача на пратениците од владејачкото мнозинство дека преведената резолуција е веќе објавена во македонските медиуми, па можат да се радуваат уште пред гласањето.
Социјалдемократот Јосип Јуратовиќ и либералот Томас Хакер одговорија на критиките од опозицијата со став дека секоја земја кандидат за членство во ЕУ секогаш се вреднувала поединечно, а не во група.
Маркус Фронмајер од десно-радикалната АФД го повтори партискиот став кој беше изнесен во посебна резолуција дека на земјите од Западниот Балкан не им е местото во ЕУ.
Подготвено од А.Ѓ.