Photo by form PxHere

13.06.2023 Скопје

Германскиот парламент во четврток ќе расправа и ќе гласа за резолуција за поддршка на зачленувањето на Република Северна Македонија во ЕУ.

Резолуцијата насловена како „Активно поддржете ја Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија“, е предложена од владејачката парламентарна група на СПД, Зелените и ФДП.

Германски пратеници ќе побараат од федералната Влада да постигне на ниво на ЕУ согласност дека изгледите за пристапување во ЕУ за Република Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија, Црна Гора и Србија се „недвосмислени, веродостојни и поткрепени со опиплив напредок“.

Покрај тоа, се предлага со земјите кандидати да се договорат меѓучекори за поблиски врски со ЕУ на патот кон ЕУ, како што е асоцијативното членство во заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика без право на глас и начин за пристапување кон внатрешен пазар на ЕУ во замена за реформи и спроведување на критериумите од Копенхаген, како и напредок во владеењето на правото.

Се бара категорично да биде одбиено секое поместувањата на границите на земјите од Западен Балкан, како и нивно приклучување во НАТО, засилена борба против корупцијата, продолжување на „Берлинскиот процес“ за регионална соработка и реформи во рамките на ЕУ за да се обезбеди нејзиниот иден капацитет за прием на нови членки.

Парламентарецот Борис Мијатовиќ (Зелени) во врска со предложената резолуција во Бундестагот, истакна дека „македонскиот јазик, македонскиот народ и државата Република Северна Македонија е добредојдена да и се приклучи на ЕУ“, а неговиот колега од ФДП Томас Хакер, пак, нагласи дека сега има можност за забрзување на процесот на прием на нови членки во ЕУ и дека таа можност треба да се искористи.

Подготвено од М.Н.

About Author