rabota vo germanija

21.06.2023 Скопје

Германската економија годинава ќе стагнира поради високата инфлација и зголемените трошоци за задолжување кои ќе тежат на личната потрошувачка и градежниот сектор, прогнозира Германската асоцијација на индустријата (BDI).

„Ние сме во рецесија. Оваа година БДИ очекува бруто домашниот производ (БДП) да остане повеќе или помалку на минатогодишното ниво“, рече претседателот на БДИ, Зигфрид Русвурм.

Тој додаде дека дури следната година треба да следи значително закрепнување.

Компаниите повеќе инвестираат во опрема и патенти, а надворешната трговија ќе биде столбот на економијата, смета БДИ, оценувајќи дека извозот на стоки и услуги годинава ќе порасне за два отсто. Реално, увозот треба да стагнира поради падот на цените на енергијата и суровините.

БДИ изјави дека „Ахиловата пета“ на економијата ќе биде личната потрошувачка, бидејќи потрошувачите се под притисок од високата инфлација и падот на реалните плати, со исклучок на градежната индустрија, поради зголемените каматни стапки и високите материјални трошоци.

„Германија се соочува со многу големи предизвици. Политичарите мора систематски да пристапат кон прашањето за структурните реформи“, рече Русвурм, повикувајќи на подобри даночни рамки за инвестиции, побрзи процедури за планирање и добивање одобренија.

Тој изјави дека многу претприемачи го губат трпението и ги мачи несигурноста.

Шефот на BDI се осврна и на бизнисот во Кина по пораките од владата дека германските компании треба да ја намалат зависноста од азискиот гигант и да почнат да бараат нови пазари во Азија.

Владата под водство на канцеларот Олаф Шолц работи на стратешки документ за Кина кој ќе биде објавен до крајот на годината.

Министерот за економија Роберт Хабек во март навести дека би можеле да го ограничат извозот во Кина за да ја заштитат предноста на Германија во технологијата.

„Оддалечувањето од Кина би било нереално и штетно“, велат од здружението.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author