28.06.2023 Скопје
Генералот Сергеј Суровикин, поранешен врховен командант на руските сили во Украина, бил свесен за плановите за бунт на Евгениј Пригожин, водач на паравоената група Вагнер, пред да го започне бунтот минатиот викенд.
Ова го изјавија анонимни американски функционери според кои американските разузнавачки служби „се обидуваат да разберат“ дали Суровикин, кој е заслужен за ефикасноста на одбранбените операции на поле на крајот на минатата година, некако му помогна на Пригожин во неговата молскавична окупација на Ростов на Дон и во подоцнежниот марш кон Москва, кој беше прекинат благодарение на посредништвото на белорускиот претседател Александар Лукашенко.
Суровикин, офицер кој ужива голема почит меѓу војниците и кој самиот Пригожин постојано го пофалува, беше сменет како врховен командант на силите во Украина минатиот јануари, но го задржа раководството на операциите на јужниот фронт и се уште има значително влијание.
Пригожин замина во егзил во Белорусија според договорот со кој заврши кусиот бунт на неговите борци од Вагнер во текот на викендот, додека претседателот на Русија ги пофали неговите вооружени сили за избегнување граѓанска војна.
Сега останува на рускиот претседател да одлучи дали да верува дека Суровикин му помогнал на Пригожин и како да одговори.
Подготвено од М.Н.