naslovnaaaaaaa

27.06.2023 Скопје

Викендов во Тетово се одржа јубилејното издание на меѓународниот хорски фестивал „ТЕХО“, со кој се означија 50 години од првото издание во 1973 година.

Во недела вечерта беше одржан тричасовен концерт на седум хорови, а на пладне три хорови настапија со православна духовна музика во соборната тетовска црква „Свети Кирил и Методиј“. Претходно, во саботата во тетовскиот центар за култура настапија седум хорови.

Ивица Зориќ, кој е претседател на Управниот одбор на фестивалот и диригент на женскиот младински хор „Менада“, му оддаде благодарност на неговиот колега Љубомир Трифуновски, кој со два хорови од Битола ги поминал сите изданија на „ТЕХО“ од 1973 година до минатото издание во 2022 година.

„Тој е човекот којшто настапуваше на првото ТЕХО и континуирано настапуваше сè до минатиот фестивал, човек којшто е маратонец во хорската музика. Вечерва беше присутен тука и физички и со неговата композиција „Мечкин Камен“ која ја изведе хорот „Стив Наумов“ од Битола. Остави трага на хорската музика, за што му благодариме искрено од срце сите ние присутни тука, и оние со кои работеше Љубо во хоровите. Љубо настапуваше на „ТЕХО“ со Женскиот младински хор и со хорот Стив Наумов“, истакна Ивица Зориќ.

Љубомир Трифуновски порача да се помагаат луѓето од организацијата на фестивалот ТЕХО затоа што 50 години на овој начин успешно работат на афирмација на хорската музика и на Македонија.

„Јас цела младост овде ја поминав 50 години, со два хора доаѓав на фестивалот и се радувавме, правевме музика, а таа музика ја правиме затоа што фестивалот и понатаму постои затоа што големи борци имате тука во организацијата на фестивалот. Овој град ми е втор град, јас цел свет го прошетав со овие хорови, покрај женскиот и мешаниот хор имав и пионерски хор. Овие луѓе што го организираат фестивалот помагајте ги, мислам дека највреден фестивал што се држи во Македонија е ТЕХО затоа што тука поминуваат илјадници луѓе. Луѓе кои сакаат музика, коишто членуваат во ансамблите, одат по целиот свет, ја претставуваат Македонија, ја афирмираат Македонија со своите дела и носат бројни награди“, порача Трифуновски.

Генерален покровител на настанот е претседателот Стево Пендаровски и истиот се обрати преку видеопорака.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author