22.06.2023 Скопје
Седум лица се тешко повредени, а девет лица се здобиле со полесни повреди во експлозија на гас во центарот на Париз.
Експлозијата на гас се случи во Латинскиот кварт во 5-тиот арондисман малку пред 17 часот по локално време во текот на вчерашниот ден.
Според очевидци, пламенот кој се појавил по експлозијата зафатил неколку згради.
Целиот преден ѕид на една зграда е урнат, а жителите на зградата останале заробени под урнатините.
Градоначалничката на Париз, Ан Идалго, се појавила на местото на експлозијата, од каде што се издигал голем облак густ чад, и изјавила дека од полициската префектура е упатен апел до граѓаните да го избегнуваат просторот околу улицата Сен Жак додека во тек е интервенцијата на надлежните служби.
Министерот за внатрешни работи на Франција, Жералд Дарманен, соопшти и потврди дека експлозијата се случила на улицата Сент Жак во 5-тиот арондисман во близина на паркот Луксембург.
Подготвено од А.Ѓ.