07.06.2023 Скопје
Во рамките на заложбите и активностите на Халкбанк АД Скопје за заштита и зачувување на животната средина, кои што се реализираат преку платформата ХалкЕко, банката постави нова еко автобуска постојка со зелен и одржлив покрив.
Во Општина Карпош, спроти поранешната фабрика Алумина, е поставена новата зелена постојка која има зелен покрив прекриен со растенија, а воедно, на граѓаните им нуди можност од постојката да земат пакетче со семиња од различни растенија.
Халкбанк првата еко постојка ја постави во општина Аеродром пред трговскиот центар Бисер, како прва и единствена од ваков вид во Република Северна Македонијал. Еко постојката во Аеродром беше поставена пред речиси три години и денес, освен што на патниците им нуди убава заштита од временските влијанија, претставува уште еден придонес кон зголемување на зеленилото во главниот град.
Од дирекцијата за корпоративни и маркетинг комуникации на Халкбанк истакнаа дека зелените постојки се дел од многубројните активности организирани или поддржани од Халкбанк АД Скопје и „сите тие претставуваат наш придонес за збогатување на зеленилото во земјата, но и за подигање на еко свеста и одговорното однесување кон околината“. Воедно, додадоа дека овие цели ги промовираат и истите се изразени „преку нашата ХалкЕко платформа – во рамките на која заедно со нашиот партнер Мастеркард целиме кон поттикнување здрави животни навики и заштита на животната средина“.
Подготвено од А.Ѓ.