13.06.2023 Скопје
Извршните фази на проектот за нуклеарна централа од 4.800 мегавати во крајбрежниот град Даба, Египет, се одвиваат според распоредот утврден во соработка со руската страна без никакво одлагање, изјави министерот за електрична енергија и обновливи извори на енергија, Мохамед Шакер, додавајќи дека се очекува проектот да биде завршен во периодот од 2028 до 2031 година.
Со силна поддршка на претседателот Абдел Фатах ал Сиси, и со додавање на 29.000 мегавати на националната електрична мрежа која до денес може да се пофали со инсталирана моќност од 65.000 мегавати, Шакер додаде дека во тек се уште шест проекти за обновлива енергија со странски директни инвестиции во вредност од 4,4 милијарди долари за да се генерираат уште 2.500 мегавати.
Министерот објасни дека вкупната инсталирана моќност на „зелената“ енергија до 2025 година ќе достигне околу 10.000 мегавати.
Проектот за нуклеарна централа Даба се наоѓа на брегот на Средоземното Море на приближно 320 километри северозападно од Каиро и се гради според договорот потпишан меѓу Египет и Русија во декември 2017 година, со проценети трошоци за изградба од 28,75 милијарди долари.
Во договорот е наведено дека Русија ќе финансира 85 отсто од трошоците со заем од 25 милијарди долари, додека Египет ќе ги обезбеди останатите 15 отсто.
Откако ќе биде завршена, централата ќе се состои од четири реактори Ввер-1200, истите што ги сочинуваат постројките во Санкт Петербург, Нововоронеж во Русија и Островец во Белорусија.
Договорот потпишан со Росатом предвидува не само изградба на централата туку и снабдување со нуклеарно гориво за целиот животен циклус на централата. Росатом ќе биде задолжен и за обука на египетските менаџери и ќе се грижи за одржување на фабриката десет години од нејзиното пуштање во функција.
Подготвено од М.Н.