https://www.facebook.com/photo.php?fbid=671380811669001&set=pb.100063912635864.-2207520000.&type=3

07.06.2023 Скопје

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири истакна дека државата има дефицит на стручен кадар и доста работни места со солидни примања, каде се бараат квалификувани работници, се неисполнети.

Шаќири им порача на младите дека со диплома од средно стручно училиште полесно ќе можат да се вработат, но и ќе имаат добра основа за понатамошна академска надобразба.

„Образовниот процес во средните стручни училишта е интересен и квалитетен, затоа што во најголемиот дел од нив всушност се спроведува концептот на дуално образование, кој го воведовме, го развиваме, спроведуваме и промовираме заедно со бизнис заедницата, со коморите, локалните самоуправи и со голема поддршка од Швајцарската амбасада“, рече Шаќири при посетата на скопското средно училиште „Георги Димитров“ и компанијата Ацески, заедно со швајцарската амбасадорка Вероник Улман и извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев.

Министерот апелира полуматурантите да се фокусираат на средно стручно образование кое „нуди поголема веројатност за подобра иднина“. Исто така, потенцира дека за учениците е обезбедена повеќе практична настава, за сметка на изучувањето теорија и тоа директно на работно место во компанија, потенцирајќи дека годинава 450 компании ќе примаат ученици на практична обука, а ќе се доделат и околу 1.500 стипендии за учениците што ќе одберат дуално или воопшто средно стручно образование.

„Нека сето ова биде мотив за полуматурантите да одбираат средни стручни училишта и да си обезбедат подобра иднина за себе, а секој нивен успех понатаму, ќе биде и придонес кон напредокот на државата“, додаде министерот Шаќири.

Пријавувањето и запишувањето на учениците во средните училишта во учебната 2023- 2024 година ќе се врши во еден уписен рок со две пријавувања во месец јуни – на 20 и 21 јуни и второ пријавување на 27 и 28 јуни 2023 година, преку порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука со најава на учениците преку сопствените кориснички сметки на Schools.mk.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author