gradezni rabotnici

10.06.2023 Скопје

Сојузот на синдикати на Македонија соопшти дека, доколку не се почитуваат работничките права во државата, новиот договор кој доаѓа со Отворен Балкан од 1 јули ќе ги испразни работните места во земјава.

Реакцијата на ССМ доаѓа по изјавата на српскиот министер за внатрешна и надворешна трговија Томислав Момировиќ дека работниците од Србија, Република Северна Македонија и Албанија ќе добијат единствен број за идентификација и ќе можат лесно да се вработуваат во сите држави без разлика каде живеат.

Синдикатот единствено и бескомпромисно поддржува пристојна работа со целосно почитување на правата од работен однос и грижа за приоритетите и интересите на државата , граѓаните и работниците, и велат дека земјите од Отворен Балкан се подолг временски период апликанти за членство во ЕУ и од тој аспект се очекува од нив да го усогласат националното трудово –правно законодавство со правото на ЕУ и меѓународните трудови стандарди.

Според ССМ, доколку владините мерки и програми не создадат услови за економски развој , а со тоа и пристојна работа за граѓаните, односно доколку не се создадат услови за пораст на платите со кои егзистенцијата на работниците и нивните семејства ќе биде обезбедена и доколку не се прифатат и барањата на ССМ за почитување на основните права од работен однос, право на осум часовно работно време, право на дневен, неделен и годишен одмор, право на работа на неопределено време, здрави и безбедни работни услови со целосно почитување на работничкото достоинство, работниците ќе си заминат од земјава.

Српскиот министер за внатрешна и надворешна трговија Томислав Момировиќ, оцени дека економската интеграција на регионот е еден од приоритетите на Србија и дека е многу важна за компаниите, и наведе дека нема поширока економска интеграција додека не се интегрираат и соседите.

Судејќи според огласите за вработување по српските сајтови кои нудат работа, нивните плати се далеку повисоки од нашите, со пребарувањето на порталот за рекламни понуди за работа, се среќаваат случаи каде на келнерите им се нудат плати над 100.000 динари, на возачите над 150.000 динари, на градежните физички работници околу 80.000 динари.

Подготвено од М.Н.

About Author