24.06.2023 Скопје
Од АД ЕСМ известија дека во текот на вчерашниот ден доставиле понуда на тендерот на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум за купопродажна цена на електричната енергија од 53 евра за мегават час за покривање на 100 проценти од вкупно планираните количини со што Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) ќе ги има сите неопходни податоци за веќе следната недела да ја донесе одлуката за цената на струјата што ќе ја плаќаат потрошувачите на регулираниот пазар во наредните шест месеци.
Цената што е доставена на тендерот е за 5,35 проценти пониска од претходната, односно 56 евра за мегават час, колку што ЕСМ и ја продаваше струјата на ЕВН Хоум во изминатите шест месеци.
Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека не очекува да има зголемување на цената на електричната енергија и посочи дека во Буџетот има финансиски средства за антикризни мерки со кои ќе биде помогната ЕСМ.
Во однос на воведувањето на дневната евтина тарифа, Ковачевски додаде дека одлуката ја носи РКЕ и додаде дека за тој процес на ЕВН му е потребно време за да ги намести броилата во домаќинствата.
Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски, исто така, неодамна нагласи дека сигурно ќе биде воведена евтина дневна тарифа на струјата, но посочи дека РКЕ ги завршува анализите и ги знае техничките проблеми кои ги има во процесот.
Беслимовски појасни дека по воведувањето на блок тарифите броилата имаат четири позиции во кои се регистрира скапата тарифа, а сега треба дополнително да се воведе и евтина тарифа така што на операторот на дистрибутивниот систем му треба време за да се сетираат сите броила, за да нема жалби и поплаки зошто некој има, а зошто друг нема.
Во вкупната цена која ќе биде соопштена до крајот на јуни влегуваат и други влезни параметри, како што се цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција, како и ДДВ-то кое од 1 јули повторно ќе изнесува 18 отсто, наместо досегашните 10 отсто.
Подготвено од М.Н.