29.06.2023 Скопје
Лидерот на грчката левичарска партија Сириза, Алексис Ципрас денеска најави дека ќе поднесе оставка од таа функција и порача дека по поразот на парламентарните избори неопходна е партиска реформа.
„Дојде време да започне нов циклус“, рече Ципрас во телевизиско обраќање, додавајќи дека „негативниот резултат може и мора да биде почеток на овој циклус“.
Ципрас рече дека поднесува оставка за да го отвори патот за избор на нов партиски лидер и нагласи дека нема да се кандидира на тие избори.
Ципрас рече дека по изборите Сириза добила задача да биде официјална опозиција и драстично да се промени, додава Катимерини.
„И мораме итно да се реорганизираме. Да не дозволиме ниту еден ден да оди залудно, како во справувањето со властите, така и во справувањето со сопствените слабости“, рече Ципрас.
Тој посочи дека ја имал честа да биде првиот левичарски премиер во Грција.
„На патот каде секој ден беше битка. Се соочивме со Европа која е сомнителна кон Грција“, посочи Ципрас.
Тој додаде дека е горд на се што е постигнато.
„Новата Сириза може да биде надеж за подобро утре. Јас секогаш ќе служам на таа цел. Надеж за подобро утре“, заклучи Ципрас.
На парламентарните избори во Грција, Нова демократија на премиерот Киријакос Мицотакис победи убедливо, додека Сириза на Ципрас освои нешто помалку од 18 отсто од гласовите.
Ципрас по поразот на изборите изјави дека „изборниот резултат е негативен за таа партија, но и за општеството и демократијата“.
Тогаш тој ги отфрли шпекулациите дека би можел да се повлече од функцијата шеф на најголемата опозициска партија, додавајќи дека ќе се стави на располагање на судот на членовите на партијата и дека во следните неколку месеци ќе биде свикан конгрес на кој неговата судбина би се одлучило.
Подготвено од А.Ѓ.